Охрид, 26. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Соработката помеѓу новата Влада и граѓанскиот сектор во Република Македонија е темата на форумот што ќе се одржи денеска во Охрид, во организација на Цивика мобилитас.
– На форумот ќе стане збор за феноменот на зголемена вклученост на граѓанските активисти во државните институции и потенцијалите од ваквите трансфери за сите засегнати страни, соопшти организаторот.
Говорници на форумот, според најавата, ќе бидат Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии и шефовите на кабинетите на министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Санела Шкријељ, и Трајан Димковски.
Од Цивика мобилитас истакнуваат дека говорниците освен што се членови на сегашната Влада, имаат искуство во граѓанскиот сектор како активисти, поради што ќе можат да ги адресираат можностите за развивање системска и суштествена соработка меѓу граѓанскиот и државниот сектор, како и да ги идентификуваат потенцијалите и продобивките. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес