Скопје/Охрид, 3. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Комитетот на Бернската Конвенција, на 41 состанок на Постојниот Комитет при Советот на Европа ја усвои одлуката да го отвори случајот кој го поднесе Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 за заканите врз Охридското Езеро и Галичица.
– Отворањето на новиот случај против Република Македонија следи откако на 01.12.2021 година, Фронт 21/42 ги презентираше аргументите од жалбата пред Комитетот и државите потписнички на Конвенцијата, а претставникот на државата извести за мерките за заштита кои ги спроведува земјата. Наводите во жалбата и извештаите на Фронт 21/42 ги потврдија и телата на двете други меѓународни конвенции кои го заштитуваат нашето најголемо природно богатство – УНЕСКО и Рамсарската Конвенција. УНЕСКО ја сподели загриженоста од одлуката на Комитетот за Светско наследство да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, додавајќи дека аргументите за прогласување на подрачјето за
наследство во опасност се неспорни, а државата веќе доби дополнително време, потенцираат од Фронт 21/42.
Од Рамсарската Конвенција, на чија листа од оваа година се Охридското Езеро и Студенчишко Блато, потврдија дека ги загрижува Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата кој не предвидува заштитна зона околу блатото.
– И покрај неколкуте интересни активности за кои извести Владата, Комитетот беше длабоко загрижен за состојбата на двете подрачја опишана од страна на подносителот на жалбата и меѓународните организации… Следејќи го барањето на подносителот на жалбата, кое беше поддржано од неколку држави-потписнички, Постојниот Комитет одлучи да ја унапреди жалбата во отворен случај, се вели во Одлуката на Постојниот Комитет.
Од Фронт 21/42 потенцираат дека се очекува на пролет во Охридскиот Регион да дојде мисија на Бернската Конвенција која ќе ја процени состојбата на терен. Според нив, отворањето на случајот доаѓа во вистинско време и носи надеж за спас на нашето најголемо природно богатство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес