News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
август 18, 2024

Скопје/Охрид, 18. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден, до 19:00 часот имало вкупно 38 пожари на отворен простор, од кои во моментов 16 се активни, 6 се под контрола и 16 се изгаснати, објавија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според истиот извор, во регионот на Општина Ресен и Општина Охрид, активен е пожарот на планината Галичица.

– На исток гори во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста „Војтино“ и на север кон планинарска куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума, информираат од ЦУК.

Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид Борко Јанкулоски, вчера, во изјава за Супер радио и OhridPress истакна дека вчера имале позитивен ден и дека пожарот веќе на места се контролира.

– Остануваат само одредени локации, кои се тешко достапни и на кои може да се пристапи само со помош на летала од воздух, изјави Јанкулоски.

Јанкулоски: Пожарот веќе на места се контролира, со механизација е направен појас за да се спречи ширење

Тој потенцира дека вчера, уште од раните утрински часови се делувало на потегот кај „Војтино“, каде во текот на денот се интервенирало на 5 до 6 жаришта, со околу 30 професионални пожарникари.

– Нашите пожарникари интервенираа заедно со Доброволното противпожарно друштво „Повардарец“ од Неготино и Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ Охрид и Дебрца, како и со останати волонтери со логистичка поддршка од погранична полиција, вработени во НП „Галичица“ и останати лица и служби. Имавме и поддршка од воздух на тешко пристапните локации, а со механизација е успешно направен и појас за да се спречи ширење на пожарот, изјави Јанкулоски.

Тој упати и голема благодарност до волонтерите кои помагаа денеска, како и до сите кои биле вклучени во гасењето на пожарите на овој дел на планината.

Јанкуловски напомена и дека имаат и редовна координација и комуникација со албанската страна каде во моментов е поголемиот дел од пожарот и дека сите напори се да се спречи да слезе пожарот во селото Љубаништа.

Последните снимни (од 11:13 часот на 18.08.2024 година) на системот NASA FIRMS од пожарот на планината Галичица кој трае полни две недели покажуваат дека истиот се’ уште зафаќа голем регион, но дека е намален на македонска во однос на страната која гори во соседна Албанија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука