Скопје/Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на денешниот ден, до 16:00 часот има вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои во моментов 11 се активни, 6 се под контрола и 8 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Во регионот на Охрид активен е пожарот во Општина Ресен и Општина Охрид, на планината Галичица. Пожарот се шири на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума, додаваат од ЦУК.
Според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.
– Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрла корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема, вели Ангелов.
Тој најави дека денеска на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект.
На терен денеска беше и еден авион „Ер трактор“ кој ја продолжи борбата со пожарот.
Како што веќе информиравме, бројни екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, од рано утрово ја продолжија борбата за спас на планината Галичица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес