Охрид, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на пожарникари, вработени во НП „Галичица“, ДСЗ, ЦУК, ПСС и волонтери, ја продолжуваат борбата за спас на планината Галичица.
Од рано утрово, координирани од одговорните лица, тие гасат од земја, додека утрово веќе се интервенира и од воздух со хеликоптери и еден авион „Ер трактор“.
На терен е присутна и соодветна механизација која ќе помогне во креирањето на појаси за да се спречи ширењето на пожарите.
– Ова е состојбата во моментов (16:30 часот) кај Војтино, информира за OhridPress Жанко ЗШ Голабоски.
Според последниот, официјален извештај од Центарот за управување со кризи (ЦУК) од 16:00 часот, во регионот на Охрид активен е пожарот во Општина Ресен и Општина Охрид, на планината Галичица. Пожарот се шири на исток во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Гори нискостеблеста вегетација и букова шума.
– Пожарот на планината Галичица, меѓу Охридското и Преспанското Езеро, делумно е под контрола, дејствуваат над 120 лица, информираше преку видео изјава директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес