април 29, 2022

Скопје, 29. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Главниот координативен кризен штаб, а потоа и Владата на Република Македонија деновиве се очекува да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести за укинување на сите рестриктивни мерки за справување со Covid-19. Во земјава има вкупно 503 активни случаи, а бројката на дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата е 309.434.

Поради намалување на бројот на новозаразени од Covid-19, во средата Комисијата за заразни болести препорача укинување на сите рестриктивни мерки, освен задолжителното носење маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и домовите за стари лица. Заклучно со вчерашниот ден, 46,5 % од граѓаните имаат примено две дози вакцини против Covid-19, а само 8,4% трета доза, соопштија од Министерството за здравство.

Комисијата исто така испрати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца. Според надлежните, вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението. Од Комисијата за заразни болести потенцираат дека на дневна основа ја следат состојбата со Covid-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.

Според последните, официјални информации на Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 124 случаи на Covid-19, од кои 5 нови случаи во Охрид. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука