Избор од Уредникот Култура ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Охридските средношколци се заинтересирани образованието да го продолжат во странство

Охрид, 5. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридски средношколци беа дел од еднодневна обука и се вклучија во проект за помош на младите при изборот на студиите и нивна конкурентност на пазарот на трудот, на Здружението за иновации во библиотечното работење во чии рамки е и охридската библиотека.

Главниот заклучок е дека оние кои сакаат да продолжат со учење најзаинтересирани се за студирање во странство. Ова е случај не само кај охридската младина, туку се покажало и на останатите средби кои се одржале низ Македонија.

Охридските средношколци како и ред други во Македонија ќе добиваат совети како и каде по завршувањето на образованието преку проектот „Креативни умови креираат иднина“ од „Инова Либ“, здружение за иновации во библиотечното работење, вели Јелена Петровска библиотекар – советник од Универзитетската библиотека „Св Климент Охридски“ од Битола.

– За жал можам да кажам само прашуваат како може да заминат во странство и таму да запишат студии? Ние им сугерираме дека владата прави напори младите да ги задржи. Има изготвена национална стратегија за млади со која се сака младите да се задржат во земјата. Кажуваме дека има државни стипендии, на пазарот на трудот има многу дефицитарни занимања. Ги стимулираме младите да добиваат повеќе информации од нашата држава и дека може да се вработуваат и да напредуваат во кариерата и овде, дома. Се надеваме дека ќе успееме младите правилно да ги насочиме во изборот, а библиотеките од земјава активно ќе се вклучат во давањето услуги како средношколците полесно да се снајдат во светот на информациите, потенцира Петровска.

Проектот „Креативни умови креираат иднина“ од „Инова Либ“, здружение за иновации во библиотечното работење од Радовиш е финансиски поддржано од американската амбасада во Македонија.Во проектот е вклучена и охридската библиотека „Григор Прличев“ која ќе помага при насочувањето на младите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива