Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнаа чествувањата за Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид

Охрид, 5. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со отворањето на изложбата на книги „Свети Климент Охридски во македонската книжевност и научна мисла“ и свечената приредба на ОУ „Св. Климент Охридски”, општина Охрид го започна одбележувањето на 8-ми декември, празникот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.

Основното училиште „Св. Климент Охридски“ го одбележува својот патронен празник, а воедно и јубилејот 120 години од основањето. Отворена беше изложба и продажна акција, а во големата сала се одржа свечена културно-уметничка програма на тема „Времеплов“.

Основното училиште „Св. Климент Охридски” е најстарото основно училиште во Охрид. Формирано е во 19 век и својата богата педагошка традиција настојува да ја чува и негува и во современи услови. Поминувајќи низ различни историски периоди, училиштето опстојуваше и беше расадник на многубројни генерации од кои многу поединци оставија длабоки траги во различни сфери на општествениот живот во градот, Република Македонија и пошироко: во областа на науката, културата, образованието, уметноста… Мотото на училиштето е: Ние имаме време за секој ученик.

Чествувањата продолжуваат утре, кога во изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 18:00 часот ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“. Еден час подоцна во Центарот за култура ќе се одржи и свечената приредба на ОСУ „Св. Климент Охридски“, а од 19:00 часот во ОМУ „Методи Патче“ ќе започне музичкиот концерт на учениците од музичкото училиште.

Богата програма е предвидена и за петок, 7-ми декември. Во големата сала при општина Охрид, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Дојди во Охрид“ – антологија на песни за Охрид. Приредувачи на ова дело се проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во Куќата на Уранија – МАНУ, со почеток во 18:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии: „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на општина Охрид, Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и Словачката национална библиотека. Во Дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица“, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи Свечената академија по повод 8-ми декември – Св. Климент Охридски – Патрон празник на градот.

Во сабота, на 8-ми декември, во 10:00 часот, во Манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник ќе се одржи Поклонение пред моштите на Свети Климент Охридски, а половина час подоцна, во училишниот двор на ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на светителот. Во 11:00 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ ќе биде положено свежо цвеќе, а во 12:00 часот во Куќата на Робевци ќе се одржи промоцијата на книгата „Охридска писменост“ од проф. д-р Димитар Пандев и ќе биде отворена нова етнолошка поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива