Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Фото клубот „Охрид“ одбележува 20 години од формирањето

Охрид, 6. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на програмата за одбележување на празникот на заштитникот на градов, Св.Климент Охридски, вечерва ќе се одржи традиционалната групна изложба на Фото клубот „Охрид“.

Клубот годинава одбележува значаен јубилеј, 20-години од формирањето, а веќе шест години е член на Фото сојуз на Македонија. Приказната ја започнале група фотографи аматери и секоја година задолжително организираат изложба по повод празникот на патронот на Охрид. Организирале бројни изложби дома, но и во светски рамки.

– Со наши фотографии преку Фото сојуз на Македонија ја претставувавме Република Македонија на светски меѓудржавни изложби со што допринесовме за промоција на македонската фотографска уметност во светот. Но, најважно од сé е што многу млади генерации биле и се успешни членови на нашиот клуб и што нашиот Охрид може да биде горд, напиша на својот профил на Фејсбук, претседателот на клубот, д-р Лазар Коњаноски.

Долгогодишниот вљубеник во филмот, фотографијата и Охрид, воедно и член на клубот, Ѓоко Симјаноски, на гостувањето во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио со жалење констатира дека 20-ната членови на клубот немаат сопствени простории каде би требало да се сретнат љубителите на фотографијата.

Сите оние кои ја сакаат фотографијата, пред сé младите, може да се приклучат на фото клубот „Охрид“, кој благодарение на ентузијазмот на членовите постои сите овие години. Неговите членови со објективот и натаму ќе бидат главните регистратори на убавините на Охрид.

Традиционалната изложба ќе биде отворена во изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 18:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива