Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Сугарески: Следната година ќе се интензивираат активностите на автопатот Охрид-Кичево

Кичево, 6. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Горан Сугарески денес од Кичево порача дека следната година ќе се интензивираат активностите на автопатот Кичево-Охрид и дека тој да биде готов во предвидениот рок, до јуни 2021 година.

Тој напомена дека на терен веќе се одвиваат засилени активности и потсети дека се надминати сите наследени проблеми на овој автопат. Изгласан е и третиот анекс на договорот за дополнителни 190 милиони евра.

– Има околу 54-55 проценти реализација досега, но она што е поважно е дека се надминати сите наследени проблеми со тунелот, свлечиштата, клучките и алтернативните патишта. Тоа го надминавме во изминатиот период, нагласи Сугарески по средбата со градоначалникот Фатмир Дехари.

Интензивирање на градежните работи, по застојот од година и половина неодамна најавија и надлежните институции. Тоа е еден од клучните капитални проекти од чија реализација, заедно со активностите за пругата кон Бугарија и гасификацијата, се очекува придвижување на состојбите во градежништвото, кое ја завршува годината со најлоши резултати во последните 15 години.

Според податоците на ресорното Министерство и Јавното претпријатие за државни патишта, на автопатот Кичево-Охрид досега се пробиени 95 проценти од трасата. Пробиен е и тунелот под превојот „Пресека“ и завршени се 133 пропусти. Моментно се работи на девет пропусти, 11 потпорни ѕида, пет моста, 23 вијадукти и 12 натпатници и потпатници. Асфалтирани се првиот и вториот слој во должина од 10 километри на левиот коловоз и два километра на десниот коловоз. (Крај)

извор: ОхридПрес/Канал 5 фото: архива