Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Изложба на фотографии и свечена приредба на ОСУ „Св. Климент Охридски“ во чест на Патронот на градот

Охрид, 6. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со отворањето на традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“ и свечената приредба на ОСУ „Св. Климент Охридски“, продолжува одбележувањето на 8-ми декември, празникот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.

Двете манифестации се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а во ОМУ „Методи Патче“ се одржа музичкиот концерт на учениците од музичкото училиште

Image may contain: 8 people, people standing.

Чествувањата продолжуваат утре, кога во големата сала при општина Охрид, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Дојди во Охрид“ – антологија на песни за Охрид. Приредувачи на ова дело се проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во Куќата на Уранија – МАНУ, со почеток во 18:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии: „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на општина Охрид, Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и Словачката национална библиотека. Во Дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица“, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи Свечената академија по повод 8-ми декември – Св. Климент Охридски – Патрон празник на градот.

Во сабота, на 8-ми декември, во 10:00 часот, во Манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник ќе се одржи Поклонение пред моштите на Свети Климент Охридски, а половина час подоцна, во училишниот двор на ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на светителот. Во 11:00 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ ќе биде положено свежо цвеќе, а во 12:00 часот во Куќата на Робевци ќе се одржи промоцијата на книгата „Охридска писменост“ од проф. д-р Димитар Пандев и ќе биде отворена нова етнолошка поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива