Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Членовите на СДСМ од Охрид се простија од градоначалникот Стојаноски

Охрид, 16. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на СДСМ Охрид денес се одржа комеморативна седница по повод прераната и ненадејна смрт на градоначалникот на општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Присутните со едноминутен молк му оддадоа почит на покојниот Стојаноски, по што се обрати претседателот на ОО на СДСМ – Охрид Лазе Танески.

– Помина само еден ден од кобната вест а јас и сите ние, драг и почитуван Јован не сакаме да веруваме дека физички веќе не си меѓу нас. Не сакаме да веруваме дека веќе нема да го минеш прагот на нашето партиско седиште во кое заедно ги кроевме плановите за победите, за партијата да ја вратиме на врвот каде што и е местото и каде што успеавме да ја донесеме. И не беше така лесно како што изгледа. Патот беше послан со трње, ама го изодевме – знаеш ти знаеме и ние што останавме по тебе за да го продолжиме тој пат… Заедно од врата до врата, заедно трпеливо ја враќавме вербата на секој граѓанин во тоа што е силата и единството на СДСМ. Во времето кога не имаше малкумина ние работевме на програмските определби – градевме еден нов СДСМ. СДСМ кој ќе ги слушне потребите, барањата и очекувањата на граѓаните. Со часови и денови зборувавме, анализиравме, правевме стратегии, собиравме луѓе околу себе, а ти беше магнет за дел од нив. Со тоа професорското, академскиот стил импонираше и на луѓето им даваше верба во праведност и вистина. И успеавме, пак поради нашата пожртвуваност, сплотеност и верба во поубава иднина за нас, за членството, за граѓаните кои не поддржаа и не поддржуваат. Драг Јоване ние не сакаме да веруваме дека твоето столче овде за секогаш ќе остане празно, дека нема повеќе да ни делиш совети, да се бориш со нас и да носиш одлуки за доброто на членството и воопшто за сите кои живеат во нашиот убав Охрид. Ние од СДСМ останавме со човек помалку, сега сме без еден човек со бескрајна енергија, силна посветеност на работата и со јасна визија за градот со кој раководеше. Загубата е ненадоместлива, а тагата преголема. Понаков од сите – со леснотија ама со глас кој дава надеж. Таков беше Јоване и кога бевме опозиција, таков беше и кога победивме и уште посреќен кога стана градоначалник, рече Танески.

Image may contain: 1 person, standing

На комеморацијата се обрати и Константин Георгиески, заменик градоначалник, соработник и долгогодишен пријател на Стојаноски.

– Токму од овде, од ова место градоначалникот Јован Стојаноски ги соопшти своите визии за развој на на општина Охрид и до последен здив, неуморно и посветено работеше на нивното реализирање. Токму од од овде, од ова место, јас заедно со него тргнав по тој пат да направиме што повеќе за нашиот светол и свет град. Ни остави обврска заедно да го продолжиме патот и неговите визии да ги претвориме во реалност. Беше вистински професионалец. Вчераутро, ден по враќањето од Скопје и седницата на ЗЕЛС, градоначалникот заедно со своите најблиски соработници го договараше буџетот за 2019 година. Никој од присутните до денес не може да поверува дека тие беа последните зборови кои ги слушаа пред срцето да му откаже и престане да чука, рече Георгиески.

Image may contain: 1 person, standing

Тој додаде дека најголемиот дел од присутните на комеморацијата на еден или друг начин сме соработувале и биле кој поблиску кој подалеку од градоначалникот Стојаноски.

– Сите ние добро го познававме, го познававме неговиот начин на работа, ја познававме неговата волја за живот и морам да потенцирам дека сите ние од него многу научивме како треба да се справуваме со предизвиците на времето. Тој секогаш работите сакаше да ги гледа од друг агол и од друга призма. Оставаше простор и за туѓо мислење и често знаеше да даде свое решение, карактеристика која ја имаат само умните, посветените и храбрите луѓе, напомена Георгиески.Image may contain: 1 person, standing

Пред присутните сопартијци и соработници на покојниот Стојаноски кусо и емотивно обраќање имаше и неговиот брат Стојмир. Тој им се заблагодари на сите за нивниот придонес Јован да стане прв човек на градот и во краткиот период на неговиот мандат да направи се’ што може за градот кого, како што рече многу го сакаше.Image may contain: 4 people, people standing and indoor

Во отворената книга на жалост по завршување на комеморацијата први се потпиша сопругата на покојниот градоначалник Надица, нивните деца, најблиските соработници, партиското раководство и пратениците Томислав Тунтев, Жаклина Лазаревска и членот на Извршниот одбор на СДСМ Ѓоко Танасоски и ред други членови и симпатизери на СДСМ. (Крај)

извор: СДСМ Охрид фото: СДСМ Охрид

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење