Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид

Вредна донација од Гете Институтот за ОУ „Григор Прличев“

Охрид, 18. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Гете Институтот од Скопје подари вредна донација на ОУ „Григор Прличев“ – куфер со 10 iPAd-и, кои имаат различни апликации за поинтересно и покреативно изучување на германскиот јазик.

– Во најава е и една интерактивна табла, која ќе можат да ја користат учениците во наставата во германски јазик. Изминатата недела Гете Институт во соработка со „Прв извиднички одред“ од Скопје организираше еко-работилница, чија цел беше подигнување на еколошката свест на учениците и изработка на мал еко систем. Истовремено и хортикултурно беше уреден еден дел од училишниот двор, информира наставникот по германски јазик Билјана Атанасовска.

Таа додава дека ОУ „Григор Прличев“ е едно од трите партнер училишта, вклучено во проектот PASCH – „Училишта: партнери на иднината“.

– PASCH претставува мрежа од повеќе од 2.000 училишта ширум светот, која преку атрактивни образовни програми придонесува за постојано усовршување на учениците и наставниот кадар, размена на идеи, мислења и меѓусебна соработка. Поддршката што нашето училиште постојано ја добива од Гете Институт се однесува на опремување на кабинетите по германски јазик со техничка опрема и наставни материјали, организација на обуки за наставниците, доделување на степендии како за наставниците така и за учениците, информираат од училиштето.

Гете Институт е културна институција на Сојузна Република Германија, која има за цел да го афирмира учењето на германскиот јазик низ светот, да ја унапреди наставата по германски јазик и стручната компетенција на наставниците по германски јазик. (Крај)

извор: ОУ „Григор Прличев“ фото: ОУ „Григор Прличев“