Забава Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Василески: Првиот концерт на „Камелеон“ ќе биде ноќ за паметење

Охрид, 28. декември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Се` е подготвено околу организација на големиот концерт со кој групата „Камелеон“ утре во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 19:00 часот ќе ја одбележи 20 годишината од формирањето на бендот.

Билетите се пред распродавање и можат да се купат по цена од 250 денари, единствено во маркетите „Тамаро 7“ и „Тамаро 6“, како и во музичката продавница ZZ Top во Охрид.

Остануваат само двете генерални проби, закажани за денеска, се` друго е подготвено. Минативе неколку месеци активно работевме на аранжманите за 17-те песни кои ќе ги изведеме на концерот, а покрај нас петмина, како специјални гости ќе настапат вкупно околу 50-тина наши колеги. Веруваме дека овој наш прв концерт ќе биде ноќ за паметење, рече вокалистот на „Камелеон“ Драган Василески, кој беше денешен гостин во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

– Гости на концертот ќе бидат Горан Папаз, Ѓоко Танески, градски мешан хор Вокс Лихнидос, студентски квартет и познатиот виолинист Џевад Рамадоноски. Заедно со „Камелеон“ на сцената ќе бидат и Жармена и Димче Китрозоски, Никола Тони, како и пратечките вокали Ана Костадиновска и Сара Николовска, истакна Василески.

Тој не наврати и на самите почетоците, на подемите и падовите. Бендот прво се викал „Лево ќоше“, но свесни дека името било несоодветно, членовите дале нови предлози. Пејачката Ребека била таа која на крај „пресекла“ и го избрала името Камелеон.

Image may contain: 2 people, people standing and outdoor

– Нормално дека и кризните моменти се дел од успешните приказни, но ги издржавме „машки“. Веќе 20 години со останатите членови ја делиме истата страст кон музиката, а кога таа е надополнета со долгогодишното пријателство, тогаш кризните моменти се само периоди кои уште повеќе ни ги зацврстуваат односите, смета Василески.

Во рамките на промотивните активности, изработен е и посебен документарен филм за 20-те години од постоењето на групата, кој ќе се емитува на програмата на ТвМ телевизија, во сабота со почеток во 17:30 часот. Во чест на јубилејот познатиот охридски Dj и продуцент Regie Rules изработи ремикс и видео спот за нивната позната песна „Небо мастило“.

По концертот новата 2019-та година „Камелеон“ ќе ја стартува со нова песна.

– Желба ни беше новата песна да ја промовираме на концертот, но одлучивме тоа да го направиме после празниците. Имаме одличен погодок, квалитетна песна која долго ќе живее. Планираме песната да добие и видео запис, вели Василески.

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење