Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Стаматовски: За театарот да се крене на повиско ниво потребни се вработувања, но и соодветни инфраструктурни услови

Охрид, 4. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар изминатата година ја заврши со три премиери, а ги заокружи и сите планови кои биле зацртани со годишната програма.

На сцената токму на нашиот театар беа поставени два текста кои за првпат се преведени на македонски јазик и одиграни од македонски театар, тоа беа „Метод“ и „Каде е пиштолот?“. Ветуваат дека претставите нема да бидат само за охридската публика и дека годинава се планирани повеќе гостувања низ земјава.

– Активна соработка имаме со Битолскиот театар, каде ќе имаме чести размени, потоа со Театар Комедија, а ќе ги посетиме и другите театари и центри за култура низ Македонија, вели в.д директорот на Центарот за култура, Стрезо Стаматовски.

Што се однесува за оваа година, веќе е аплицирано со пет претстави до Министреството за култура, а Стаматовски се надева дека програмата ќе излезе порано за разлика од лани.

– Она што ме радува е што се повеќе охридскиот театар станува актуелен и за режисерите кои сакаат доаѓаат. До нас пристигнаа над 12 апликации за предлог претстави за 2019-та. Меѓутоа во овој момент тоа е премногу за тимот и екипата кои го опслужуваат театарот. Направивме внатрешна селекција, одобрена од управен одбор и аплициравме со пет претстави. Аплицирано е со режисери од странство, но и познати домашни имиња, истакна Стаматовски.

Уште еднаш повтори дека охридскиот театар секогаш ги поддржува младите, има потреба од свежа крв, дека ансамблот мора да расте за на охридската сцена да видиме и познати класици.

– Отворени сме за гости, но и за нови вработувања, овој ансамбл мора да расте. Со ограничениот број луѓе ограничен е и бројот на текстовите и авторите кои може да се работат тука. За театарот да се крене на повиско ниво потребни се вработувања, а зголемувањето на ансамблот повлекува и соодветни инфраструктурни услови. Со предлог законот за култура како што општините влегуваат во нов степен на децентрализација, доколку локалната има можност, може Центрите за култура да ги земе под своја капа. Во случајот кај нас според мене треба да се се направат сериозни студии дали има потреба од едно такво дополнително оптоварување, пред се` финансиско и што тоа би значело во иднина, додаде Стаматовски.

Кај надлежното министерство се` уште нема слух за изградба на нова зграда во која ќе е сместен театарот. Стаматовски се надева дека во блиска иднина ќе се направи еден таков храбар чекор, пред се` за Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење