ЕКОЛОГИЈА Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Билјанините извори и понатаму без вода

Охрид, 3. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Препознатливиот симбол на градот Охрид, Билјанините извори, и понатаму без вода.

И покрај релативно подобрената хидролошка состојба по последните врнежи од дожд и снег, денес повторно не тече вода од изворите. Овој дел од градот е еден од главните негови белези и препознатливости и е редовна атракција за гостите кои ги фотографираат изворите, на кои „Билјана го белела платното“.

Над изворите има базен во кој се собира изворската вода и од него прво се црпи вода за градскиот водовод, потоа за Хидробиолошкиот завод во Охрид, а она што ќе остане од водата доаѓа до Билјанините извори.

Проблемот со недостатокот на вода во овој дел ескалираше неодамна, кога поради недоволен доток на вода во каналот „Студенчишта“ изумре многу риба, по што заседаваше и градскиот совет, се алармираа и државните органи и се презедоа соодветни мерки за нормализирање на состојбата. Од ЈП „Водовод“ тогаш ги исклучија пумпите со кои се земаше вода за пиење од каптажата „Билјанини Извори“ и истата се пренасочи преку Хидробиолошки во каналот „Студенчишта“ за дотур на свежа вода во обид да се зголеми нивото на вода и количеството на кислород.

Image may contain: text

Охридското Езеро деновиве е на кота од 693,27 м.н.в. односно 11 сантиметри под просекот за месец јануари.

Локалитетот „Билјанини извори“ охриѓани го нарекуваат душата на градот. Бројни посетители, домашни и странски, при посетата на Охрид, редовно се определуваат за посета на изворите. Ова место го користат за да пешачат и да се релаксираат, како и да избегаат од гужвата која владее во центарот на градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење