Избор од Уредникот Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Јанкоски: Годинава во Вевчани се очекуваат над 1.000 поединечни и групни маски

Скопје/Вевчани, 4. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанскиот карневал е најголемиот европски фестивал на сатира и театар без режија. За уникатната карневалска поворка веќе се изработени над 1.000 поединечни и групни маски, порача на денешната прес конференција градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски.

Тој ги покани сите што имаат желба да дојдат на вевчанскиот карневал, и рече дека ова ќе биде уште една можност за уникатно искуство. Култната македонска група „Архангел“, заедно со Неша од групата „Галија“, Културно уметнички работници и Dj RootBoy ќе настапат на 12-ти јануари, за старт на годинешното издание на карневалот во Вевчани. Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, следната вечер, на 13-ти присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и групата „Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и Оркестар Зурли и тапани од Вевчани.

Image may contain: text

– На дефилето ќе има над 1.000 групни и поединечни маски, што ќе го провоцираат да размислува оној кој ги гледа. Василичарите преку маските ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред. Тие се еден добар коректив, многу работи можат да се видат и да се слушнат и на крајот да се преземе нешто да се исправат девијациите во владеењето, изјави вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личници.

Тој потсетува дека кулминацијата на настанот е на 14-ти јануари утрото во 02:30 часот кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.

Вевчанскиот карневал според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

И годинава ќе ги има традиционалните маски „зет и невеста“, „Глупавиот Август“ и музичарите, а секако и маските со кои се жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот.

За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во оваа претстава на отворено, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива