Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

По шести пат денес ќе се одржи Бадниковата поворка

Охрид, 6. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 500 деца ќе бидат дел од денешната, шеста по ред Бадникова поворка, која уште еднаш ќе го навести Христовото раѓање.

Идејата е да се воспостави традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни. И минатата година во Охрид на Градскиот плоштад беше организирана ваква поворка. Во чест на Христовото раѓање – Божик, на Градскиот плоштад во Охрид е поставена макета на пештерата која го наговестува денот на Христовото раѓање, изработена од монахињите од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ од Рајчица.

– Во поворката ќе учествуваат околу 500 деца пријавени доброволно, од претшколска возраст до 9 одделение. Поворката ќе се формира и ќе тргне од храмот „Св. Георгиј“ во 11:00 часот, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ и ќе помине по улиците „Јане Сандански“, бул. „Туристичка“, кружен тек кај „Охридска Банка“ и бул. „Македонски просветители“, до градскиот плоштад каде е поставена голема пештера – симбол на Витлеемската пештера во која е роден Исус Христос. Поворката во 12:30 часот ќе биде пречекана од в.д градоначалникот Константин Георгиески, градските советници и граѓани, кои ќе ги даруваат учесниците со пакетчиња. Потоа поворката преку чаршијата ќе пристигне во храмот „Св. Богородица-Каменско“ каде учесниците ќе бидат пречекани од свештениците и ќе заврши со Бадникова трпеза, информираат од организациониот одбор.

Додаваат дека и оваа година е голема заинтересираноста да се биде дел од оваа духовна традиција и кон големата Бадникова поворка ќе се приклучат поворки од селото Велгошти и општина Дебрца.

Оваа година беше снимен и видео спот за песната „Вечниот Бог“ во изведба на црковниот хор на децата од село Велгошти Охрид. Спотот е снимен во село Велгошти по повод бадниковата манифестација „Бадникови поворки“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива