За Охридцките работи Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Фоторобот на новиот градоначалник на Охрид

За Охридцките работи
Бр. сл. 026/01/2019
Охрид, 08. јануари 2019 година

Партиските и бизнис штабовите проработеа околу тоа кој ќе биде новиот градски татко многу побрзо од што налага доброто воспитување да се спомне во оваа прилика. Тоа можеби е легитимно (во некои јужноамерикански држави), но ако се вратиме реално на терен и со трезвена глава анализираме каква е состојбата, полека се надзираат опциите за тоа што (ќе) му се случува на градот.

Годиниве наназад граѓаните бираа, гласаа, казнуваа и поставуваа „на трон“ одредени личности. А тие личности, за да бидат во ситуација да бидат гласани од граѓаните, зад затворени врати ги бираа политичките и бизнис елитите и моќниците, редовно онакви какви им беа ним најпотребни и најполезни.

Значи, народот секогаш бира од изборот на „избраните“, односно од она што е „сервирано“ на изборната „маса“.

Фоторобот на следниот сопственик на првата фотелја на улицата „Димитар Влахов“ број 57

Зборуваме за маж (или дама) во средна животна доба, семејни луѓе, образовани, докажани во професијата, ситуирани и на добар глас во градот. Зад себе не смее да имаат криминално минато и да не се поврзуваат, барем не јавно, со бизнис и криминогеното лоби во градот и пошироко. Треба да имаат сила (ментална и физичка околу нив) и авторитет да удрат на маса кога криминогените структури ќе вршат притисоци за остварување на нивните интереси, да имаат време да ги сослушаат сите, да знаат дека работното време ќе им трае често и по 20 часа, да знаат да прават компромиси, некогаш да преќутат и кога знаат дека се во право, да носат тешки одлуки, да гледаат барем 5 години понапред, да знаат прво да седнат со сопственикот на третата тезга на пазарот лево, после половина час со некој академик во МАНУ, да пречекуваат крунисани глави, спортисти, знајни и незнајни… Кандидатите мора да знааат дека ретко ќе се гледаат со семејството и кога ќе имаат време, дека често ќе се обидуваат да ги рекетираат, уценуваат, заплашуваат, некогаш и тепаат, дека ќе треба нешто „да завршат“ затоа што „така рекол шефот“, „дека така рекол министерот“…

Ова погоре е за оние кои мислат дека да се биде градоначалник значи само смешкање, сликање, ручеци, вечери и восхитувања од климоглавците околу „шефот“…

Според резултатите на една од последните објавени анкети за Охрид на ИРИ на оваа тема, граѓаните како најголеми проблеми во општината ги посочиле: урбанизмот и развојот на градот со 21%, пред невработеноста со 20%, здравството со 13%, патната инфраструктура со 9% и чистотата на градот со 7%. Новиот „татко“ (или „мајка“) на градот ќе мора да стават крај на ваквата урбанизација на градот, да ги зауздаат градските шерифи, да лобираат да се заврши покриениот базен, да се обидат да ги задржат младите, да вложуваат во спортот, да се среди кејот, да се асфалтираат улици, да се заврши постапката со колекторот, да се менаџира долгот (и што по неговото скоро целосно враќање со помош на државата, односно со кои механизми ќе се спречи негово повторување), катните гаражи, касарната, гасификација, заштитата на езерото и рибниот фонд, Сатеска, Студенчишко блато, марината, канализации, водоводи, паркови, зеленило…

Ова (и МНОГУ повеќе) значи што е да се биде градоначалник и ова се темите со кои тој/таа треба и мора да се занимава.

Приказната за независен кандидат

Она што е јасно е дека за сериозен независен кандидат, очигледно ќе мора да се почека барем уште неколку циклуси. Недостатокот на кадар кој е „кадарен“ за такво нешто е особено очигледен во една ваква мала средина, во каква се претвори Охрид. Од една страна проблем е поврзаноста на дел од оние кои би можеле да одговорат на ваков предизвик со центрите на моќ (бизнис или политички), а останатите најчесто се реализирани луѓе, незаинтересирани за политика и разочарани од истата поради состојбите во општеството, личните бизниси или приватни причини. Сето ова ќе направи оваа опција уште долго да остане покриена под „крилата“ на големите партии. Охрид минатиот изборен циклус беше сосема блиску до една граѓанска опција, но тоа за жал тоа не се случи. Дали ќе се случи овој изборен циклус, останува да покаже времето, но она што е јасно е дека Охрид може да даде една ваква структура на луѓе, врз кои е тешко да се стави партиски „јарем“ и кои кога-тогаш ќе се самоорганизираат.

Што ќе понуди СДСМ на овие избори?

Ќе треба многу „думање“, многу реални анкети, разговори со луѓе кои ја разбираат материјата за првиот човек на партијата да донесе одлука, кој ќе истрча на терен за да продолжи онаму каде што застана Стојаноски. Неколку групации и фракции веќе работат на терен во обид да се претстават себе или нивниот кандидат како „идеален избор“. Сепак, работите на државно ниво не им одат во прилог во моментов. Бројните поголеми и помали афери, Преспанскиот договор, албанскиот фактор во носењето на одлуките, „купувањето“ на пратеници, пазарењата и договарањата по било кој основ имаат сериозно влијание кај гласачите и последните анкети јасно го покажуваат тоа. Начинот на кој се прават обиди да се обезбеди потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија пред финалното гласање на уставните измени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа, „желботеката“ на Села и Касами, „недопирливоста“ на ДУИ се тешки камења околу вратот на партијата, а особено врз лидерот Зоран Заев. Овие одлуки секако ќе имаат влијание врз одлуката на граѓаните за кого ќе го дадат својот глас на следните избори. Заев е пред се` бизнисмен, а потоа политичар, и околу таа бизнис-прагматичност и тоа како ќе се движат состојбите во градот и државата во периодов пред нас, се крие и името на неговиот кандидат за нов градоначалник на Охрид.

Има ли сила ВМРО-ДПМНЕ да се врати во игра?

Сите кои „спиеја на увото“ дека ВМРО-ДПМНЕ се готови и се пред распаѓање, очигледно или слепо навиваат за едната страна или недоволно ги разбираат приликите во државата. Дали се во неповолна состојба – секако, но партијата е едно огромно тело, со скоро неограничени средства, со над 10 години поставувани кадри на највлијателните места во државата, медиуми, државни институции, безбедносни системи, огромни компании, директори, втори, трети ешалони… Ако ја разберат пораката и се вратат кон тоа што е ВМРО во суштина, а притоа јасно и недвосмислено понудат нови кадри и ги осудат криминалите и криминалците во сопствените редови, секако дека имаат голема шанса да се вратат во игра во догледно време. Нивниот политички противник како „џокери“ во ракав ги има бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но и дистанцирањето и исклучувањето од партијата на дел од постарите кадри, пред се` најсилниот „теренец“ Сашо Мијалков и целата група околу него… ВМРО-ДПМНЕ како партија од поодамна има „проблем“ во Охрид да изнедри сопствен и квалитетен кадар за градоначалник, што често пати резултираше со „позајмување“ на кандидати од туѓи дворови. Партијата треба да понуди млад кадар, јасно профилиран, доволно цврст за да каже не на криминалците и бизнис моќниците, образован, искусен, со јасна визија за приоритетите во развитокот на градот и доволно пристапен за сите, пред се` за обичниот граѓанин.

Охрид, Охрид убав мил…

Охрид е исклучително важен град од повеќе аспекти. Тој е јаготката на тортата, тој е најубавата девојка во друштвото и престиж и привилегија е кој ќе „го има“. Самиот факт што имаме вонредни локални избори ќе придонесе огромно внимание и сериозна PR, партиска, финансиска и секаква друга сила да се сконцентрира, токму во градот под Самуиловата тврдина. Апетитите на поединци се огромни, сондажи се прават скоро секојдневно, се мери и премерува кој колку направил за каузата.

Она што е скоро сигурно е што не очекува е исклучително интересна политичка пролет, а од одлуките кои ќе се донесат и процесите кои ќе се случат во овој период може да зависи и судбината на градот, но и целата држава.

Затоа, не го потценувајте народот и прстот на умот!

Среќни празници,
Сашо Митан
08.01.2019 година