Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Домот на семејството Дејкоски како музичко училиште, од секаде се слуша звук на виолина

Охрид, 8. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Спиро Дејкоски е горд татко на четири деца, три ќерки и еден син, кои музикалноста ја наследиле од него.

Три деца свират виолина, како и тој, па куќата често одекнува со убави звуци. Навистина е реткост да се запознае едно вакво музикално семејство, па затоа решивме да ви ги претставиме членовите, на кои животот им е музика, во буквална смисла на зборот. Главниот збор за напредокот на своите деца го има тато Спиро, секако со огромна поддршка на мама Анета, откриваат за весникот Нова Македонија.

Најстара е Дафина која има 12 години и е ученичка во седмо одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Втората ќерка се вика Атанасија Дејкоска, има 11 години, учи во шесто одделение во истото училиште, а синот Христо има 9 години и е ученик во петто одделение во ова училиште. Најмала е Марија Дејкоска, има три години и ужива во безгрижните детски години, заедно со своите баби, дедо и сите најблиски. Дафина, Атанасија и Христо свират на виолина од второ одделение, поточно кога имаа само 7 години. Паралелно со основното училиште, редовни ученици се и во ОМУ „Методи Патче“ во Охрид.

Таткото Спиро открива дека наградите се голем стимул за децата, заедно со пофалбите, учеството на разни натпревари, каде што имаат можност да се споредат со другите врсници.

– Ќе набројам неколку поважни награди за нив: во 2014 и 2015 година Дафина и Атанасија ја освоија првата награда на Државниот натпревар по виолина, а следната, 2016-та, Атанасија го повтори овој успех. Таа во 2017-та го освои и првото место на меѓународниот натпревар по виолина „Полихимнија“. Христо сѐ уште не се натпреварува, но упорно се труди да им се придружи на Дафина и Атанасија во натпреварите.
Заедно со натпреварите по виолина, Дафина, Атанасија и Христо исто така постигнуваат успеси и на натпреварите по математика и природни науки. И најмалата Марија бог ја надарил со талент за музика. Таа веќе си ги пее детските песнички точно и чисто интонативно, без притоа да бара или добива некаква помош од поголемите сестрички и братчето. Нејзиниот глас веќе надалеку се слуша, а ова може и соседите да го потврдат. Таа на сите им вели дека нејзината виолина се чувала кај мајсторот за виолини, ама ќе ѝ ја дадел кога ќе пораснела. Веројатно талентот за музика и љубовта кон виолината децата го наследиле од вас. Ние сите сме некако зависни од музика. Дедо Жика свири на хармоника, вујче Зоран на гитара, тато на виолина, мама прекрасно пее, децата свират, пеат во хор… Сите се аматери, но со голема љубов кон музиката и убавата песна. Музиката за нас е релаксација по секојдневните активности и неизбежен детаљ на нашите семејни дружења. Јавен настап во комплетен состав сѐ уште не сме имале, ама се надеваме дека во блиска иднина и тоа ќе се случи, вели таткото Спиро.

Додава дека нивните желби и планови се да продолжат со упорна работа, а преостанатото би било само логична последица од напорната и квалитетна работа.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење