Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Државниот инспекторат за труд ќе ги проверува фирмите дали исплатиле К-15

Скопје, 9. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените.

Надзорот ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајќи ги и фабриките за производство на текстил и чевли, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон.

– При инспекцискиот надзор, ќе се проверува исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, се вели во соопштението од ресорното министерство.

Оттаму ги повикуваат работниците неисплатата на К-15 да ја пријават на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131.

Владата го задолжи Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација, во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење