Избор од Уредникот Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Грданоски: Екипите се постојано на терен, проблем се постојаните снежни врнежи

Охрид, 10. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на ЈП „Охридски комуналец“ со работници и механизација се нон стоп на терен, расчистуваат и се справуваат со врнежите од снег кои деновиве го зафатија Охрид.

Директорот Љупчо Грданоски за Супер радио и OhridPress вели дека се работи 30 часа непрекинато и дење и ноќе. Поголеми проблеми нема, единствено постојаните врнежи кои за кратко време формираат нова снежна покривка и им ја отежнуваат работата.

– Се чисти во повеќе наврати. Патеките кои ги пробиваме рачно за кратко време повторно се покриваат со снег. На терен е и специјалната механизација, камиони и трактори со епохи за посипување абразивни средства. Улиците и тротоарите се проодни, интервениравме во стариот дел на градот, во селата и на повисоките места, таму немаме проблеми, вели Грданоски.

Со оглед на најавите на метеоролозите дека попладнево врнежите од снег ќе бидат пообилни, Грданоски потенцира дека нивните екипи остануваат мобилизирани за расчистување на новиот снег. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Охридски комуналец

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење