Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Од утре започнува Вевчанскиот карневал

Вевчани, 11. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од утре сите патишта ќе водат кон Вевчани, започнува празнувањето на Василица и традиционалниот карневал.

Селото повторно ќе биде театар на отворено со многу креативност и импровизација и центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година. За уникатната карневалска поворка веќе се изработени над 1.000 поединечни и групни маски.

Култната македонска група „Архангел“, заедно со Неша од групата „Галија“, Културно уметнички работници и Dj RootBoy ќе настапат на утре, за старт на годинешното издание на карневалот во Вевчани. Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, в недела, на 13-ти јануари присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и групата „Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и Оркестар Зурли и тапани од Вевчани.

Кулминацијата на настанот е на 14-ти јануари утрото во 02:30 часот кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.

Вевчанскиот карневал е стар 1.400 години, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

И годинава ќе ги има традиционалните маски „зет и невеста“, „Глупавиот Август“ и музичарите, а секако и маските со кои се жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот.

За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во оваа претстава на отворено, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење