Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Започнува карневалот во Вевчани

Вевчани, 12. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска сите патишта водат кон Вевчани, каде започнува карневалот, најголемиот европски фестивал на сатира и театар без режија.

За уникатната карневалска поворка веќе се изработени над 1.000 поединечни и групни маски, кои ќе направат и годинешното издание да биде уште едно уникатно искуство.

Култната македонска група „Архангел“, заедно со Неша од групата „Галија“, Културно уметнички работници и Dj RootBoy ќе настапат вечерва, за старт на годинешното издание на карневалот во Вевчани. Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, утревечер, на 13-ти присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и групата „Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и Оркестар Зурли и тапани од Вевчани.

Image may contain: text

Секоја година Василичарите преку маските ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред.

Кулминацијата на настанот е на 14-ти јануари утрото во 02:30 часот кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.

Вевчанскиот карневал според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. И годинава ќе ги има традиционалните маски „зет и невеста“, „Глупавиот Август“ и музичарите, а секако и маските со кои се жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот.

За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во оваа претстава на отворено, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес