Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Продолжува акцијата за отстранување на снегот од центарот на градот (Фото)

Охрид, 12. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ денес ја продожија акцијата од синоќа за отстранување на снегот од централното градско подрачје.

– Се расчистува снегот од чаршијата и од делот околу пристаништето. Се работи со целата расположлива механизација, а со активностите ќе се продолжи и во текот на наредните денови, информираат за Супер радио и OhridPress.

Паралелно со оваа акција, охридските нуркачи денес го искористија убавото и сончево време за да го исчистат дното на езерото на потегот кај Градското пристаниште, во пресрет на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Во пресрет на празникот Водици нуркачите го чистеа дното на пристаништето

Одговорните од ЈП „Охридски Комуналец“ претходно апелираа до граѓаните да ги дислоцираат возилата и да го исчистат снегот пред нивните објекти.

– Заради најавените минусни температури во наредните денови апелираме и ги потсетуваме граѓаните на општина Охрид, куќните совети и сопствениците на деловните објекти за законската обврска која ја имаат за чистење на снегот од пристапните површини до нивните индивидуални, станбени и деловни објекти, велат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Посебно се потенцира обврската за дислоцирање на моторните возила од коловозните површини со цел да се овозможи успешно дејствување на ангажираната механизација.

Само со координирана акција и активно учество на сите чинители,  снегот навремено ќе се расчисти и ќе се овозможи нормално движење на возилата и пешаците, а со тоа и нормалното функционирање на градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес