Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Точков: Да се влегува внимателно во езерото, достоинствено да го одбележиме празникот Водици

Охрид, 18. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид и годинава е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално – хуманитарната дејност.

Температурата на езерската вода е 6,5 степени целзиусови, температура која не сме ја имале последниве 5-6 години, обично била над 7 степени, затоа треба особена и значителна претпазливост на сите кои ќе влегуваат во водите на Охридското езеро, потенцира претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, на гостувањето во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио.

– Вечерва од 19:00 до 23:00 часот на пунктот на Црвен крст поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Таму ќе ги добијат и сите насоки и препораки. Оние кои се чувствуваат силни, кои мислат дека немаат здравствен проблем и кои решиле да влезат во езерските води треба, пред сé, да не конзумираат алкохол пред да влезат во вода. Знаеме дека алкохолот раподно ја намалува температурата на телото, посебно кога е во извршување на некоја работа. За да не дојде до хипотермија препорачуваме сите кои влегуваат во водите да не се задржуваат подолго од 3-5 минути. При влегување во вода капачите треба да носат обувки, а по излегување сите да имааат подготвено пешкири и сува облека. Оние пак кои чувствуваат слабост, да не влегуваат во вода, потенцира Точков.

За утрешниот настан на осветување на водата во Охридското Езеро, Црвениот крст ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тимови во спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.

Ќе има посебен пункт каде ќе бидат сместени лицата со инвалидитет, кои ќе можат без проблем да го следат осветувањето на езерските води.

Утре ќе се одржува и традиционалната крводарителска акција „Водици 2019“ под мотото „Една капка може да промени сé“. Ќе се реализира во периодот од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

– На оваа акција се јавуваат голем број крводарители, охриѓани, но и од надвор, кои дошле да го проследат настанот на осветивање на езерските води и изразуваат желба да даруваат крв. Пред дарување се вршат прелиминарни прегледи од лекарите од Институтот за трансфузиона медицина, се констатира прво нивото на хемоглобинот, дали лицето може тоа да го издржи и се зема целосна негова анамнеза. Крводарители може да бидат лица на возраст од 18 до 65 години, вели Точков.

И година по традиција Црвен крст ќе се ангажира и за Денот на рибарите. Прво нивни волонтери ќе помагаат за распределба на чорбата на самото место, меѓу присутните, а нивни екипи во текот на денот ќе дистрибуираат од чорбата на семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Точков апелира празникот да се чествува онака како што доликува како вистински христијани, да упатиме порака до сите сограѓани и гости дека овој празник треба да се одбележува достоинствено. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење