ЕКОЛОГИЈА Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Бојаџи: Урбанизацијата е најголема закана за природните вредности во НП „Галичица“

Охрид, 28. јануари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Урбанизацијата е поголема закана за природните вредности во националниот парк „Галичица“ отколку бесправната сеча. Токму тоа е еден од најголемите проблеми за паркот, но и за Охрид како град на листата на УНЕСКО, велат надлежните од установата.

Ги Запознаваме Ретките Болести

На територијата на паркот има над 1.000 нелегално изградени викенд куќи, до установата се поднесени 450 барања за легализација на бесправно изградените објекти, вели Андон Бојаџи од НП „Галичица“.

– Во сите случаи кога имало бесправна градба и узурпација на државниот имот ние сме реагирале до Правобранителот да преземе мерки, до градежната инспекција да го сруши бесправно изградениот објект. По ниедна пријава не е постапено. Еден од најголемите проблеми на националениот парк Галичица но и на Охрид како град на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство е урбанизацијата. Значи ако заради нешто не стават на листата на загрозени подрачја, тоа ќе биде заради урбанизацијата. И мораме да собереме доволно сила да се справиме со бесправната градба и узурпацијата на земјиште сопственост на Република Македонија, истакна Бојаџи.

Националниот парк „Галичица“ е прогласен во 1958 година, поради особените природни убавини и исклучително богатата и ендемична флора и фауна.

Светската пракса и препораките на меѓународните организации кои работат со заштитени подрачја е да се намали директното користење на природните ресурси и да се даде приоритет на обезбедување средства од т.н „меко користење на ресурсите“. Токму кон тоа беше фокусирана ЈУНП „Галичица“, кон промена на начинот на кој се обезбедуваат средства за заштита на природата

Минатата недела беше потпишан договорот за грант во висина од 147.000 евра од Фондот за природа „Преспа-Охрид (ПОНТ)“, што ќе биде реална поддршка на тековното работење на паркот. Поддршката од ПОНТ, како и средствата кои ќе се добијат од наградата Pathfinder за 2018 значајно ќе придонесе НП „Галичица“ да биде многу поблиску до парковите со подолга традиција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива