ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид ЅОЅ: Општина Охрид и Второстепената комисија со понижувачки „пинг-понг“ за хотелот во Лагадин

Охрид, 2. февруари 2019 (ОХРИДПРЕС) – На крајот на оваа година македонската влада има обврска да покаже дека ги испочитувала обврзувачките препораки на Комитетот за светско наследство со што ќе покаже способност за управување со ова исклучително ретко светски признато богатство, реагираат од Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ на дел од ставовите кои премиерот Зоран Заев ги изнесе на вчерашната трибина во Охрид.

Ги Запознаваме Ретките Болести

– Но, изгледа не само што многу брзо македонските институции со својата склоност кон корупција ќе го префрлат охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност, туку и ќе го озаконат разузданото дивеење на урбаната мафија на штета на сите жители на Република Македонија. На вчерашниот партиски митинг на СДСМ во Охрид со парадоксален назив „Силна економија-шанса за сите“ имавме чест да слушнеме како премиерот Заев му ветува на „чичко Никола“ со кого си разменувале приватни SMS пораки дека тој лично ќе се погрижел неговиот криминален хотел да си ги добие сите потребни дозволи и да си почне со работа, реагираат од Охрид ЅОЅ.

Во дописот до медиумите од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ го потсетуваат премиерот Заев на решението од здружениот инспекциски надзор во кое беа констатирани низа неправилности кои правниот тим на Охрид ЅОЅ ги утврди.

Од таму потсетуваат на целата низа прекршувања:
– Прекршување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион (чл. 9, чл. 17 став 1, чл. 23 став 2)
– Прекршување на Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро
– Прекршување на Законот за животна средина
– Прекршување на Законот за заштита на природата
– Прекршување на Законот за води (чл. 131 став 1 алинеи 4, 5 и 7)
– Прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (чл. 33 и чл. 35)
– Прекршување на Правилникот за начинот на спроведување на постапката за добивање на одобрение за градење на електронски начин (чл. 8)
– Прекршување на Законот за градење (чл. 83 став 1 и 3, чл. 84) *Поради нетранспарентност на постапката и неможност за јавен увид во целокупната документација, постои сомнение и за прекршување на чл. 47 став 8, чл. 48 и чл. 56 од истиот Закон – Прекршување на Законот за општа управна постапка – Прекршување на Законот за вработените во јавниот сектор (чл. 8, чл. 9, чл. 10)
– Прекршување на Законот за користење на податоци од јавниот сектор (чл. 5)
– Прекршување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (чл. 4, чл. 13) – Прекршување на Законот за сопственост и други стварни права (чл. 9, чл. 26, чл. 118, чл. 124, чл. 152)
– Прекршување на Уставот на Република Македонија (чл. 26, чл. 30)

Од Охрид ЅОЅ додаваат дека понижувачкиот „пинг-понг“ што се одвива меѓу општина Охрид и Второстепената комисија каде што „инвеститорот“ Никола Толески се жали и „бара правда“ е тежок удар и сериозно уназадување на владеењето на правото во Република Македонија.

– А препорака број 9 од Комитетот се однесува токму на тоа: Државата да „Загарантира ригорозна примена на законите и регулативата со цел да оневозможи било какво натамошно нелегално градење во рамките на доброто.“ На сомнителниот „бизнисмен“ Никола Толески не му е првпат да гради нелегално. Против него СВР Охрид има поднесено кривична пријава во 2016 година повторно за нелегална градба во заштитено подрачје, поточно во Националниот парк Галичица. Освен ако премиерот Заев не мисли да го злоупотреби Собранието на Република Македонија за да го задоволи својот сопартиец и да го силува Уставот со носење на lex specialis во урбанизмот кој ќе се вика „Законот за чичко Никола“, незаконскиот чир од градба во Лагадин мора итно да добие решение за отстранување и Општината мора веднаш да пристапи кон спроведување, овојпат без изигрување на правото како кога ја поништија само клаузулата за правосилност на одобрението за незаконската градба, а не го поништија и самото одобрение. Ако премиерот сака жителите на Република Македонија да му веруваат дека тој се залага за и претставува европски вредности, тој веднаш ќе се извини за грубото мешање во надлежности што претставува тешко прекршување на темелните вредности на уставниот поредок во Република Македонија. Не е во надлежност на премиер „да фаќа врски“ за да озаконува криминални градби во УНЕСКО регион. Премиер кој е на ниво на задачата ќе побара да го види решението од мешаниот инспециски надзор и ќе ги извршува доследно своите надлежности според Деловникот за работа на Владата. Како на пример, во согласност со чл. 4, став 6 од Деловникот за работа на Владата ќе побара одговорност за лицата кои воопшто овозможиле ова криминално одобрение за градба да стане правосилно и лицата од Второстепената комисија што упорно ја уважуваат жалбата за нелегалната градба. Потоа, во согласност со став 10 од истиот член ќе ја насочи реформата во охридската администрација кон декриминализација и долго очекувана професионализација во обезбедувањето на јавните услуги за граѓаните. Од премиерот Заев младите охриѓани очекуваат заложба за одржлив развој, развој кој ќе им донесе достоинствени работни места, развој кој нема да зависи од партија, но ќе биде стратешка определба на професионална администрација на локално и централно ниво. Единствено ова претставува концепт на силна економија во која има шанса за сите. Токму партискиот пазар и неказнивоста на локални шерифи ги доведоа Охрид и Република Македонија до ова дереџе. А сепак, дури ни Никола Груевски не се осмели вака јавно и отворено да го покажува степенот на корумпираност во македонското општество. До канцеларијата на премиерот се доставени сите релевантни документи со кои располага Охрид ЅОЅ и доколку премиерот и по тие добиени информации остане во заштита на локалниот криминал, ние ќе покренеме соодветни процедури за обезбедување материјална и кривична одговорност, стои во дописот до медиумите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. (Крај)

извор: Охрид ЅОЅ фото: архива