Избор од Уредникот Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Науме Јованоски ја објави кадидатурата за прв човек на Охрид

Охрид, 4. февруари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот прв човек на ОО на СДСМ од Охрид, Науме Јованоски денес ја објави кандидатурата за градоначалник на Охрид на претстојните вонредни локални избори.

Јованоски потенцира дека е способен и одговорен пред партијата, во прилог на задржувањето на градоначалничкото место и идниот развој на Охрид. Одлуката да влезе во трката за градоначалник ја донел и поради блискоста и вербата во актуелното раководство на СДСМ и Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

– Дополнителен мотив да се кандидирам за одговорната функција е фактот што, во делот на организациската и теренска активност, имам одлично претходно искуство, добар тим кој ќе застане зад мене за заеднички да ја одработиме задачата, доколку за тоа добиеме поддршка од нашата матична партија – СДСМ. Во целост се согласувам со политиките на премиерот на домашен и меѓународен план, особено на планот на зближување на соседните земји и народи, ги поддржувам и ќе работам на нивната реализација и афирмација, истакна Јованоски.

Во неговите проекции и визијата за натамошниот развој на Охрид како туристичка, културна, духовна метропола се наведени: строга контрола на заштитениот крајезерски појас, зачувување на Студенчишкото блато, реализација на проекцијата на покојниот градоначалник Јован Стојаноски за уредување на кејот, формирање посебен тим на стручни и искусни лица кои ќе работат на проекти за пристап кон европските фондови, основање дирекција „Охридско културно лето“ која ќе го среди летниот хаос со манифестациите, преиспитување на намената на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник. Во неговата визија, Јованоски го гледа Охрид и како летна политичка метропола и предлага градов да биде неформален центар на УНЕСКО градовите на Балканот, продолжување на контактите за конечно збратимување на Охрид со Дубровник, но и контакти и активности за збратимување со град под заштите на УНЕСКО во Грција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес