Избор На кафе со... Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Станкоски: Ohridtrail ќе понуди уникатна можност тркачите да ги видат двете езера од една точка

Охрид, 6. февруари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Едно несекојдневно искуство и збогатување на списокот спортски манифестации кои се одржуваат во Охрид ќе понуди планинската трка Ohridtrail, која е закажана за 25-ти мај.

Станува збор за комбинација на планинарско одење и планинарско трчање, ќе се помине речиси целиот гребен на планината Галичица, а тркачите ќе имаат единствена можност каква што нема никаде на светот- да ги видат двете природни езера од една точка, рече во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио Јоне Станкоски од Асоцијацијата „Спорт за сите-Сите за спорт“.

Image may contain: 2 people, people sitting, beard and indoor

– Настанот го организираме во соработка со здружението „Трекс“ кое од 2012 година организира трки од ваков вид. Со ваква трка можат да се пофалат Штип, Прилеп, Попова Шапка, Скопје, а еве сега и Охрид. На овој настан право на учество имаат сите лица со наполнети 18 години, а можат да учествуваат во две трки – 35 km и 60 km. Првата трака е онаа од 60 km со висинска разлика од 3140 m, ќе започне во 08:00 часот од манастирскиот комплекс „Св. Наум“ и продолжува до врвот „Магаро“. Потоа по природните патеки кои ги има Галичица, а кои се одбележани, учесниците се движат до крајот на планината, односно Леница, од каде се продолжува до градскиот плоштад. За трката од 35 km стартот е во 10:00 часот од кампот „Елешец“, а висинската разлика за оваа трка е 1470 m. За трките постои и временско ограничување, за малата трка 9, а за големата 15 часа. За оваа трка очекувањата се дека првиот би пристигнал за 7 часа, а првата за 9 часа. На нашата веб страна www.ohridtrail.mk ги има сите овие детали, а она што е интересно за оваа веб страна е тоа што е пишувана на охридски дијалект, потенцира Станкоски.

Пријавувањето за учество започна на 1-ви февруари, а веќе се пријавени над 20 кандидати.

– Од досегашниот одзив сме презадовнолни, пријавени се учесници не само од нашата, туку и од соседните земји. До сега имаме учесници од Србија, Бугарија, Косово и Македонија. Планината носи многу ризици со себе, па за нас како организатори најважна е безбедноста за сите тркачи. Екипите на Црвениот крст од Охрид ќе се грижат за безбедноста заедно со припадниците на Единицата за спасување на планина и непристапни терени. На веб страната се објаснети сите детали, а се маркирани и сите точки каде има екипи за спасување, но и станиците за поддршка, за вода, храна и слично, вели Станкоски.

Image may contain: 3 people, people sitting

Со оглед на тоа што овие трки се сосем поразлични од „Охрид трчат“, многу е тешко да се воспостави линк од самата трка, па затоа организаторите за сите оние кои сакаат одблиску да ја видат трката, ќе бидат организирани планинарски тури, едната од Велестово кон „Крстец“, а другата кон „Магаро“.

Организаторите за првиот Ohridtrail оперираат со бројка од околу 300 натпреварувачи, а се очекува во следните неколку години оваа спортска манифестација да прерасне во една од најдобрите трки на балканот од овој тип. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес