Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Пирузева Јанева: Приватниот сектор може многу да помогне, ова е училиште со над 1.200 ученици

Охрид, 28. февруари 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Оливија Пирузева Јанева, директор на ОУ „Христо Узунов“ од Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: Во ОУ „Христо Узунов“ сте биле од двете страни, и како наставник по македонски јазик и како директор, функција што сега повторно ја обавувате. Значи, го знаете функционирањето од двете страни. Со што се соочивте при повторното доаѓање на челната позиција на ова училиште, дали наидовте на некои проблеми?

Пирузева Јанева: На почеток да изразам благодарност за вашата заинтересираност за нашето училиште, за условите и функционирањето. Како што кажавте, сум била и на оваа функција и како наставник по македонски јазик во училиштето, кое функционира веќе 42 години и успешно се носи со воспитно образовниот систем и промените во оваа држава. Се случија многу промени, многу турбулентни моменти. Јас сум веќе 21 година дел од овој колектив, дел како директор, дел како наставник. Моето повторно доаѓање на оваа функција беше предизвик да се завршат одредени работи кои претходно можеби не сум успеала да ги завршам. Како човек и како вработена мене ми беше чест повторно да бидам директор на вакво училиште, во кое многу успешно функционира кругот родител-ученик-наставник, исто така училиште во кое успешно функционира еден колектив од кој сум дел и јас и ми е задоволство да работам со нив.

Супер радио: Што зацртавте како приоритет во вашето раководење со образовната установа во следниот период?

Пирузева Јанева: Од воспитно образовен карактер можеби тука приоритети посебни и не може да се постават, бидејќи всушност тоа се движи по законска регулатива и норми кои постојат. Мој приоритет беше подобрување на условите за работа во училиштето и сакам да се сконцентрирам на таа проблематика и да успеам нешто да направам во текот на мандатот кој ми е доверен.

Супер радио: Училиштето годинава ќе одбележи 42 години од постоењето, ваши ученици се покажале во одлично светло на регионални, републички натпревари и олимпијади, со што покажале дека се достоен репрезент не само на училиштето туку и на градот. Работено е и на бројни проекти. Каква е моменталната ситуација на тој план, што Ве очекува до заокружување на оваа учебна година?

Пирузева Јанева: Училиштето периодов наназад навистина покажа голем успех, од аспект на бројни награди на нашите ученици на повеќе полиња и токму затоа се често учесници на многу проекти. Како тековни проекти ќе ги споменам три, имаме аплицирано на три проекти. Два се дел од проектот Еразмус +. Еден е проект во соработка на УСАИД и Македонскиот центар за граѓанско образование и министерствиото за образование и наука. Едниот проект кој ни е цел оваа година да се реализира, секако ако го добиеме, е за мобилност на учениците и кадарот. Проектот е насловен „Врсничко насилство“. Последниве години насилството меѓу учениците за жал зазема прогресија, колку и да се трудиме тоа зема замав. Сакаме преку едукација и обуки во странство кои ги нуди проектот Еразмус + да видиме нешто ново што го применуваат европските земји и кое би го примениле во нашите услови. Другиот проект е соработка со училишта од Бугарија и Турција, размена на искуства, едукација, обуки меѓу наставници. Третиот е проект за реконструкција на одреденио делови од училиштето, конкретно аплицирано е за реконструкција на подовите во дел од училниците и реконструкција на внатрешната дограма на училиштето. За тоа аплициравме, за внатрешната дограма посебно, затоа што сметаме дека надворешната би била решена преку проект од локалната самоуправа, кој е вклучен во годинашниот општински буџет. Освен ова, во буџетот е вклучена и реконструкцијата на кровот на училиштето, кој е од азбестни салонитни табли. Се надевам дека оваа година ќе успееме да го направиме сето тоа со помош на локалната самоуправа. Ова се неколку проекти кои ние сме ги предвиделе. Училиштето е големо, опфаќа две згради и навистина треба многу средства за подобрување на условите, кои тешко би ги оствариле сами ако немаме помош од проекти, државата или општината.

Супер радио: Ова училиште освен основниот простор за обавување на образовната дејност, има и простории за дневен престој, сала за приредби, просторија за хор и оркестар, кујна и трпезарија. Како заклучок би дошло дека овде условите за згрижување на децата се посеопфатни. Локалната како основач помага во вашето функционирање, но секако и помошта од локалната заедница би била добрдојдена. Каде може приватниот сектор да помогне, се` со цел да се подобрат условите за работа на децата, на нашата иднина?

Пирузева Јанева: Приватниот сектор би можел многу да помогне, нормално се` е до можностите и до желбите. Едно вакво училиште со над 1.200 ученици, со голема површина, колку и да има се што е потребно, секогаш треба многу повеќе, се` се амортизира со текот на времето. Што и да се понуди на ова училиште е навистина повеќе од потребно. Еве на пример од техниката и технологијата потребни се компјутери за работа, печатар, копирка, онаа што ја имаме веќе се почесто се расипува. Потребни се прожектори, потоа електронска табла. Од друга страна пак кога зборуваме за инвентар, потребно е негово обновување, почнувајќи од клупи, столчиња, шкафчиња. Кога зборуваме за некакви реконструкции тука се реконструкција на подовите во училниците, јас кажав дека аплициравме на проект, кој не се знае дали ќе се добие и покрај тоа ќе останат уште околу 800 м² нереновиран дел. Потребна е реконструкција со PVC подови. Можеби најприоритетно е да се обнови затоплувањето во спортската сала. Сега засега има 2-3 стари калолифери, веќе дотраени, кои се од самиот почеток на училиштето и кои навистина е потребно да се променат. Или да се променат или да се изнајде друг начин на затоплување на салата. Доклку таму би се променила дограмата на некој начин би дошло до подобрување на состојбата. Исто така понатаму преку одредени проекти или локалната заедница да помогне да се направи фасада на зградата, која е од фасадна цигла. Тоа се поважните работи кои би ги спомнала во моментов.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење