Економија Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Анѓушев: Стопирани се градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, се чека кредит од Ексим банка

Скопје/Охрид, 4. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во моментов градежните работи на автопатот Кичево-Охрид се стопирани бидејќи се чека одобрување на нов кредит од страна на кинеската Ексим банка, изјави за DW вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Додека автопатот Миладиновци-Штип е пред свечено пуштање во употреба, за Охрид-Кичево, кој започна да се гради истовремено пред пет години, е потребна нова техничка процедура.

– За автопатот кон Охрид чекаме да се продолжи кредитот. Техничките проблеми се решени, постигнавме договор и таму направивме заштеди од 92 милиони евра затоа што се намалија цените. Законот за договорот за задолжување од Ексим, кинеската банка, истече во јануари и сега чекаме тој да се пролонгира за да можат да продолжат активностите. Работата е во кинеската влада и таа треба да даде дозвола за кредитот да биде пролонгиран. Во кредитот има средства кои не се потрошени, но имаше рок до кога тие треба да се влечат. Рокот беше до јануари и сега очекуваме тој да се продолжи, објасни вицепремиерот Анѓушев.

Тој очекува до крајот на месецов да се реши сѐ и веќе од април да имам интензивно градење на терен. Според планот, сѐ треба да се заврши до 2021 година. (Крај)

извор: DW фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење