Избор Партии ТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: Заевизмот се чувствува и во Охрид

Охрид, 6. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Заевизмот и продолжената рака се чувствуваат и во Охрид. Воден од примерот на својот лидер, кандидатот за градоначалник Константин Георгиески, е успешен образец на матрицата на заевизмот наречена ветувам-негирам-заборавам!

Но, граѓаните не забораваат за што го дале својот глас и го очекуваат ветеното, порачаа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.

– Во населбата „Видобишта“ беше ветено асфалтирање на улицата „Прва македонска ударна бригада“, изградба на тротоари и нејзино улично осветлување. Зошто се’ уште не е реконструирано детското игралиште кај „Стобекс“? До кога жителите ќе очекуваат непречено функционирање на месната организација? Нема никакво поставување на улично осветлување на улицата „Малесија“. Ќе почека и реконструирањето на уличната мрежа на споредните улици во населбата. За целиот овој период не успеаја да се постават барем хоризонтални ограничувачи на брзината на улицата „Момчило Јорданоски“.
Факт е дека приоритет не е конкретна помош за граѓаните туку вработување партиски и роднински кадри. Почитувани, ајде заедно да ги запрашаме: Каде Ви е моралот, ако граѓаните не Ви се приоритет, каде Ви се одговорите кои се должни да ни ги дадете, нели Ви е срам што не реагирате на нашите барања? Не заслужуваме ли чесна, вистинита и релевантна информација за тоа каде одат нашите пари? Очекувавме да покажете барем минимум човечка и политичка коректност и барем во периодот што измина да најдевте начин и да ги погледневте граѓаните во очи. До кога ќе го применувате тој дегутантен и коруптивен образец при што граѓаните ги третирате како неписмена маса која копнее за своите стотина метри асфалт и не разбира која Ви е играта во позадина? Разберете веќе еднаш дека граѓаните препознаваат кога се изиграни. Вие не одговоривте на нивните барања, но затоа тие на 21-ви април ќе Ви испратат повеќе од јасна порака, истакнаа од партијата на денешната прес конференција. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива