Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Танеска: Сите ние сме овде да направиме подобри услови за учениците, приватиот сектор може многу да помогне

Охрид, 7. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Наташа Танеска, директор на ОУ „Св. Климент Охридски“ Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: Голема е честа и задоволството да се биде во најстарото основно училиште во Охрид, минатата година одбележа 120 годнини од основањето. Формирано е во 19 век и својата богата педагошка традиција настојува да ја чува и негува и во современи услови. Вие повеќе од една година сте на чело на оваа образовна установа. Кој беше предизвикот да ја прифатите функцијата и во каква состојба го затекнавте училиштето?

Танеска: Најпрво Ви благодарам што ми ја укажавте честа да бидам дел од најслушаното радио во охридскиот етер, благодарам за посетата. Лани го одбележавме јубилејот 120 години од постоење на нашето училиште. Предизвикот да бидам на чело на оваа институција ми беше да ја продолжам онаа нишка во редот на продолжување на најквалитетното образование, која моите претходници ја постигнале, го направле ова училиште едно од најдобрите, најелитните и едно од најдостојните во градот. Состојбата во која што го затекнав, нормално дека моите претходници многу повеќе се потрудиле во однос на уредувањето и надворешно и внатрешно. Сите ние сме овде да направиме подобри услови за учениците, без разлика во кој дел се наоѓаме, дали на оваа функција или како наставници, нашата единствена мисија е образованието и да издигнеме квалитетни ученици, квалитетни личности кои ќе не претставуваат еден ден во општеството. Училиштето го затекнав во добра состојба, немаше проблем со блокирана сметка или слично. Знаеме дека секогаш во училиштата се може да биде плус, секогаш сé е добредојдено, меѓутоа сите заедно се трудиме да биде уште поквалитетно, подобро, да создадеме подобри услови за престој во него.

Супер радио: Наставата кај вас се реализира во една смена, со продолжен престој во попладневните часови. Кажете ми каква е состојбата со бројот на ученици во вашето училиште и дали имате доволно кадар?

Танеска: Нашето училиште има продолжен престој кој функционира до 17:00 часот, период во кој додека имаме работни илио други обврски има каде да ги оставиме дечињата, да бидат згрижени. Имаме три наставнички кои се грижат, оваа година моментално во продолжен престој имаме над 90 ученици и е зголемен и вкупниот бројот на ученици, оваа година имаме 400 вкупно. Сето она што функционира во продолжениот престој е да им се помогне на родителите, во однос на завршување на домашните задачи, згрижување на дечињата, таму имаат и оброк, се анимираат од страна на наставничките, прават прошетки, слободни активности. Во однос на кадар имаме доволно.

Супер радио: Она по што е специфично вашето училиште е што тука настава посетуваат и дечињата со посебни потреби. Во 2016 година тука беше опремена и посебна сензорна соба. Секако имате вработен и инклузивен дефектолог. Кажете ми за колку дечиња се работи и за условите во кои учат, дали имаат се што е неопходно?

Танеска: Учениците со посебни образовни потреби точно дека во 2016 година добија сензорна соба, која ја доопремуваме. Моментално имаме 20 ученици со посебни потреби, со нив работат тројца дефектолози, наставници кои се задолжени за нив. Имаме и инклузивен дефектолог, кој освен што им помага на дефектолозите за учениците со посебни образовни потреби исто така влегува и во редовната настава. Сите оние потешкотии, денес најчесто се во изговорот на гласовите или со одредни содржини кои не можат да ги совладаат заедно со своите соученици, инклузивниот дефектолог е тука да им помогне. Имаме одлична комуникација во тој дел и со дефектолозите и со инклузивниот дефектолог и мора да напоменам дека многу си соработуваат меѓусебно и дечињата со посебни образовни потреби многу брзо напредуваат во однос на совладувањето на содржините. Огримна благодарност до Ротари клубот, до Лајонс клубот, минатата и оваа учебна година имавме многу донации од Холандија и Австралија. Од холандска фирма имавме донација интерактивна табла, токму за овие дечиња, прожектор, дидактички и едукативни материјали, доопремување на сензорната соба. Од Австралиската амбасада имаме донација гасеница, помагало за инвалидизирани лица, бидејќи и во редовните и во паралелките со ученици со посебни образовни потреби има дечиња кои имаат телесен инвалидитет, се во количка и не можат да се движат низ училиштето, па со ова помагало тоа им е олеснето.

Супер радио: Деца од ОУ „Св. Климент Охридски“ учествувале на бројни натпревари во градов и државата, освојувале и бројни награди. Големо влијание врз тоа има и условите во кои учат и престојуваат. Училиштето е реновирано во неколку наврати, но секогаш може да се направи повеќе и подобро. Општината како основач ви помага, тука секако се и некои здруженија и клубови кои даваат донации. Секако во таа смисла од огромно значење би била и помошта од приватниот сектор, како истиот може да ви излезе во пресрет за подобрување на условите за работа на учениците?

Танеска: Морам да напоменам дека соработката со локалната самоуправа ни е на високо ниво, секогаш имаат слух за сé она што во образованието ни е потребно. Секогаш плус е добредојдено за сите нас. Она што приватиот сектор може да помогне, еве тука ќе споменам разглас, кој порано функционираше, сега за жал останал така, а би бил добра опција за учениците да се информираат. Потоа дограмата, фасадата, приодот кон училиштето. Ние сме едно од најбезбедните училишта, немаме допир до сообраќаен метеж, меѓутоа дворот со текот на времето се уништува. Потоа внатрешно може да учествуваат во реновирање на училниците, графитите сега се популарни, може да биде некое уметничко украсување на училниците. Паркетот во спортската сала е некогаш поставен, но не сме имале услови да го реновираме, обновување на компјутерскиот систем. Исто така морам да нагласам, приватниот сектор може да ни помогне во нивното делување, во смисла, голем број теми кои ги учат децата по наставните предмети бараме најчесто посета на некоја институција. Во ред е да се учи теорија, но праксата е нешто друго. На пример ако децата учат за правење леб, добро е да посетат пекара, да се посети некоја фабрика и слично.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес