Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Цветкоска: Приватниот сектор може да придонесе со подобрување на условите за образование

Охрид, 12. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Весна Цветкоска, директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: Раководите со образовната установа која го носи името на патронот и заштитник на Охрид. Одлично го познавате функционирањето на установата бидејќи долго работите како професор по биологија, а повеќе од една година сте директор. Дали затекнавте некои проблеми во работењето на училиштето, од финансиски или друг аспект?

Цветкоска: Во ова училиште јас сум веќе 32 години, од кои 31 како професор по биологија и една годна како директор на установата. Во овој период од кога сум назначена не затекнав блокирана сметка, финансиското работење беше задоволително. Некои посебни проблеми немаше, она тековно со што постојано и сега се среќаваме, до условите за работа во училиштето, можностите кои не се баш големи да можеме да преземеме некои поголеми проекти, посебно што нашето училиште е старо и што не можеме без дозвола или соработка со општината, со Музејот да преземаме некои активности, мора да се консултираме со нив, за да можеме тука да дејствуваме. Работата тече сосема нормално, некои поголеми проблеми нема, континуирано работиме.

Супер радио: Овој период од годината е карактеристичен особено за матурантите, се подготвуваат за матурската прослава, но и за државната матура. Колку матуранти има во ОСУ „Св. Климент Охридски“?

Цветкоска: Оваа година имаме 213 матуранти коишто ќе си изберат, зависно од подрачјата, што ќе полагаат од државната матура и најголемиот дел ќе го продолжат своето образование на високо образовните институции. Во тек се подготовките, сега прво со проекстните задачи, потоа екстерните испити за државната матура, а исто така тука се и подготовките за матурската прослава. Ние дадовме понуди да видиме каде ќе се организира. На 17-ти мај ќе се одржи традиционалната матурска парада, па прославата би била ден-два потоа. Парадата ќе ја има и годинава, ние сме како носители, ученици од другите училишта доаѓаат на подготовки кај нас.

Супер радио: Во рамки на програмата Еразмус+ неодамна ваши ученици беа во Апелдорн, Холандија каде стекнаа значајно искуство. Кои се понатамошните активности на тој план и дали во моментов се работи на некои проекти во училиштето?

Цветкоска: Проектот со Холандија продолжува и понатаму, со тоа што сега учениците ќе одат во други држави, кои се вклучени во проект од Еразмус +. Сега во моментов имаме една друга група со проек се во Рим, Италија и продолжуваат овие соработки. Имаме аплицирано за обука на наставници, па ќе видиме дали ќе го добиеме и тој проект, бидејќи ваквите проекти се многу значајни во однос на размената на искуства, учениците преку работилниците кои се организираат стекнуваат нови искуства. Од последната посета во Холандија се вратија многу задоволни, нашите ученици беа најдобри на тамошните работилници, ангажирани и целосно посветени на работата. Гледаме овие Еразмус проекти што повеќе да ги има, се одлично искуство и за наставниците и за учениците.

Супер радио: Потврда за квалитетот на образованието се и многубројните награди кои ги освојуваат гимназијалците од повеќе области. Тука ќе го споменеме проектот „Од литиумска батерија до антидепресив“, потоа прво место на натпреварот „Ноември – месец на науката“ со темата „Формирање на абразивен релјеф“. Што уште можеме да очекуваме од бистрите умови на средношколците?

Цветкоска: Сега ни претстојат регионалните и државните натпревари, опфатени се поголем број од природните науки и се надеваме на висок успех, бидејќи секоја година се враќаат учениците со прва, втора награда, се доста успешни. Преку ваквите експерименти кои ги прават се докажуваат и во Народна техника и „Ноември – месец на науката“, значи на сите тие полиња се активни нашите ученици. Успеси бележиме и кај резултатите од матуртата. По среден успех сме некаде на четвртото место во Македонија, а трето место според резултати од полагањето на екстерните предмети. Нашите ученици доста го избираат природно-математичкото подрачје, имаме најмногу ученици таму.

Супер радио: Објектот на гимназијата во 2012 година го врати некогашниот лик по кој била препознатлива надалеку. Беше пуштено во употреба и поткровјето. Условите за работа на учениците можеме да кажеме дека се солидни, секогаш може да се направи повеќе, а значајна улога во тоа може да одигра локалната заедница. Со што може приватниот сектор да придонесе за уште подобри услови за престој и работа?

Цветкоска: Приватниот сектор може да придонесе со подобрување на условите, во однос на реконструкција на санитарниот чвор за учениците, нови компјутери. Ние минатата година во поткровјето опремивме осум кабинети со нови столици, компјутери и сега се користат. Значи внатрешно нешто да се подобри во училниците, во кабинетите за да може да се подобри и наставата, да се приближиме кон посовремената настава. Ние се обраќаме кон нив и наидуваме на разбирање. Лани имавме помош од Лајонсите како и од поединци кои сакаа да останат анонимни, за ученици за кои имаше потреба излегоа во пресрет. Очекуваме и понатаму со локалната да може внатрешно да ја подобриме состојбата. Спортската сала е реконструирана, она што ни треба се нагледни средства, топки, справи. Повремено добиваме донации, но сепак има потреба од ваква опрема. Тука ќе го споменам и уредувањето на дворот, некое паркче, бидејќи е се` со асфалт. Делот зад спортската сала од минатата година е во наше сопствеништво и сега со локалната самоуправа ќе се потрудиме да го обновиме, да го средиме со зеленило и клупи.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес