Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Институции и проекти од културата од Охрид на финалната листа за поддршка од министерството за култура

Скопје/Охрид, 12. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

Нив им претходеа жестоки критики од повеќе културни работници кои не се согласуваат со првичната распределба на средствата за култура, поради што одбиените пријави беа ставени на повторно разгледување.

Од апликантите од Охрид, нашата најпрестижна музичко-сценска манифестација, фестивалот „Охридско лето“ од ресорното министерство ќе добие 25.000.000 денари и дополнителни 270.000 денари на име котизација за членство во Европската асоцијација на фестивали и учество на Генералното собрание на ЕАФ во Лисабон, Португалија. Охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ добива 600.000 денари за организација на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, за Охридските староградски средби 50.000, за манифестација „Прличеви беседи“ 102.900, за ФА „Бисери“ 30.000 и за градскиот мешан хор „Вокс Линхидос“ 50.000 денари.

Според последните резултати на листата на пријави со одобрени средства се најдоа одбиените Скопски џез фестивал, кој сега доби 3 милиони денари од побарани 7 милиони 775 илјади денари. Потоа, средства доби и Офф фест со 1 милион денари од побарани 6. Младинскиот културен центар, пак, ќе добие 150 илјади денари, од побарани 480 илјади денари за фестивалот „Здраво млади“. „Радиото 103“ добива 60 илјади денари, од побарани 977.850 денари за фестивалот „103 генерации“, а „Пасворд продукција“ за „Д фестивал“ добива 1 милион денари, од побарани 6 милиони денари. Културниот центар „Интерарт“ доби 1 милион и 500 илјади денари, од побарани 6 милиони, за организирање на 15-то јубилејно издание на „Танц фест Скопје“, а „Интерфест“ од Битола доби 1 милион и 300 денари, од побарани 3 милиони и 100 илјади денари.

Комплетната листа ОВДЕ. (Крај)

извор: Министерство за култура фото: архива