ЕКОЛОГИЈА Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Мерко: Ако се одземат ингеренциите можно е да се откажам од функцијата

Скопје/Струга, 12. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – За мене е понижување одземањето на ингеренциите со плажите на Охридското Езеро. Можно е да се откажам од функцијата, изјави во емисијата „Топ тема“ на Тв Телма градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

– Јас сум градоначалник три мандати и добро ги знам моите ингеренции. Имаме човечки ресурси кои можат да ја завршат работата. Ова е многу мала проблематика и е ништовна за да ја презема централната власт. Јас мислам дека централната власт, односно министерството за транспорт и врски за да може да се справи со овој проблем, мора да соработува со локалната власт. Не може од Скопје да се диктира состојбата во Струга. Никој не е дојден на лице место. Ако нема соработка помеѓу централната и локалната власт, нема напредок. Проблемот не е само во Струга, одете во Охрид да видите како се гради хотел во вода кај „Синдикални“, изјави Мерко во, на моменти жолчната дебата со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Мерко обвини дека се враќаат плажи на претходни сопственици, на што министерот Сугарески истакна дена денационализацијата ја врши Министерството за финансии.

Министерот Сугарески го актуелизираше проблемот со истечените договори за плажите на досегашните концесионери, на што Мерко истакна дека постојаните изборни циклуси се проблем за започнување на постапката за издавање на плажите. Тој обвини дека советниците во Струга се проблем за започнување на постапката и дека токму тие не сакаат да има концесии на плажите.

– Советниците некој ги води. Тоа се партиите, а целта е ситуацијата да остане непроменета, додаде Мерко.

Според него станува збор за меѓуетнички проблем и дека состојбата е таква затоа што плажите биле концесионирани од Албанци.

Околу продолжувањето на договорите на досегашните концесионери, министерот Сугарески истакна дека се` што е легално ќе остане во досегашната состојба.

– Посебна комисија ќе направи увид на состојбата. Ако има неправилности ќе бидат нотирани, напомена Сугарески.

Од општина Струга тврдат дека се против каква била злоупотреба на плажите

Од Општина Струга претходно денес демантираа дека имаат врска со „узурпирањето“ на градските плажи или палењето на трските.

– Напротив, ние како институција не ги подржуваме ваквите дела и ќе направиме сé што е во наша моќ за да ги спречиме истите. Од друга страна, уредувањето и чистењето на плажите се прави во интерес на граѓаните, за почиста и погодна околина за нас и за туристите кои ја посетуваат Струга за време на туристичката сезона. Нашата цел како општина е да помогнеме во развиењето на туризмот во Струга и воедно да создадеме можности за работа за нашите граѓани. Исто така, сметаме дека главната причина за овој хаос и дезорганизација е решавањето на статусот на концесионерите, па затоа од Министерот за транспорт и врски бараме да не дејствува на селективен начин и го покануваме да дојде и да најдеме заедничко решение, за доброто на градот и граѓаните на Струга, информриаа од општина Струга. (Крај)

извор: Тв Телма фото: архива