Избор од Уредникот ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Супер образование ТОП ВЕСТИ

Недески: Соработката со дел од охридските компании ни е одлична

Охрид, 13. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио и порталите OhridPress и Inpress иницираат акција „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“ за учество на локалната заедница во подобрување на условите во кои учат најмладите во Охрид.

Преку сондажа на состојбите и интервјуа со првите луѓе на образовните институции ќе направиме обид, заедно со приватниот сектор да помогнеме да се подобри состојбата во овој исклучително важен дел од секое општество.

Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид, во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за предизвиците со кои се соочува и потребите на училиштето за што поквалитетен образовен процес.

Супер радио: Повеќе од една година сте прв човек на едно од трите средни стручни училишта во градов. Што се им нуди на идните среднишколци ова училиште, кои се насоки ги имате и во каква финансиска кондиција е училиштето?

Недески: Во училиштето моментално имаме четири струки: машинска, електро, сообраќајна и козметичка. Од козметичка струка профилот е козметички техничар, сообраќаен техничар од сообраќајна струка, од електро струка електротехничар енргетичар, електротехничар електроничар за телекомуникација и електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Од машинска струка имаме машински техничар, машински техничар за нумеричко управување и автотехничар мехатроничар. Од оваа година почнавме со пилот паралелка во состав на електротехничката струка, тоа е техничар за индустриска мехатроника, наставата се изведува по програма за дуално образование. Оваа програма ја изработи Центарот за стручно образование на инцијатива на делегацијата на германското стопанство, која е всушност координатор на цел проект, каде сме вклучени ние како реализатори, а исто сме вклучени и во изработка на наставните планови и програми за втора, трета и четврта година за што имаше посебна работна група. Во моментов таа е најатрактивна и најинтересна паралелка, бидејќи се работи нешто ново поразлично од постоечките профили кои ги имаме и одиме во таа насока да се прошират и подобрат условите за работа, во најава можам да кажам дека од наредната учебна година ќе имаме уште една дополнителна паралелка во дуалното образование, за профилот машински техничар. Во однос на финансиите, сме во добра финансиска кондиција. Финансирањето е преку блок дотации од министерство за образование за сервисирање на потребите на училиштето и имаме дополнителни извори од сопствени средства за набавка на нагледни средства и материјали за наставата да се одвива беспрекорно, како и за финансирање за учество на натпревари, во кои сме активни учесници. Од струките имаме „Лидер на струка“ натпревар кој се одржа во декември каде постигнавме забележителни резултати, лидери сме на сообраќајна струка и на машинска. Оваа година од 2-ри до 5-ти мај ќе бидеме домаќини на Меѓународен натпревар „Балкан јуниор“, на кој учествуваат осум земји, шест републики од поранешна Југославија, Турција и Романија.

Супер радио: Со оглед на тоа дека се работи за стручно училиште, колку теоретскиот, многу поважен е практичниот дел, па така сте пионер во одредени области Отворена е паралелка со дуално образование, по принцип на германскиот образовен систем. Дел од професорскиот кадар беше и на обуки. Какво е досегашното искуство?

Недески: Точно е дека сме пионери во областа на дуално образование бидејќи ваква паралелка има само уште една во Кавадарци. Ние соработуваме со „Костал“, ЛТХ Леарница и ОДВ Електрик. Новата паралелка за машински техничар, ќе биде остварена во соработка со ЛТХ Леарница и со „Братство“, обуките учениците ќе ги изведуваат таму. Досегашниот начин е класичен со наставни програми од пред 10-15 години кои не се променети, од втора до четврта година имаме практична настава, еден ден се изведува дали во училиште или некоја компанија, без мотивација на самите ученици, одат ја посетуваат компанијата, гледаат каков е процесот на работа и учат практично со гледање, не со работа. За разлика, во дуалното образование исто така практичната настава е од втора до четврта година, со еден, два односно три дена практична настава, со тоа што самата компанија е должна не да ги пушти во производниот процес туку да обезбеди просторија каде ќе се изведуват обуките. Покрај тоа самата компанија е должна да обучи инженери за работа со учениците. Ова е сосем поинаков начин на изведување на практичната работа, со тоа што покрај обучувачите, ќе бидат вклучени и професори од нашето училиште. Ќе бидат менторирани и набљудувани при изведување на практичната настава. Ќе им бидат зададени конкретни задачи што треба да сработат. Доколку не е сработено тоа што е зададено, ученикот не може да премине на наредна задача, мора следниот пат да ја заврши како што треба. Токму тоа е идејата на ваквото образование да излезат што е можно подобро обучен кадар кој ќе биде подготвен да работи во тие компании.

Супер радио: Во дел од компаниите како што се „Костал“,ОДВ Електрик, ЛТХ Леарница од идната учебна година учениците својата практична настава ќе треба да ја изведуваат во рамките на овие компании. Дали можеби во иднина фирмите ќе регрутираат вработени токму од овие ученици. Кажете ми нешто повеќе за ова?

Недески: Настрана од дуалното образование, од понеделник почнуваме со практична настава во „Костал“ на 10 ученици од четврта година, за кои компанијата е заинтересирана по завршување на школската година, тие кои ќе бидат најдобри да бидат вработени таму. Тоа е како моментална акција. Додека учениците кои се запишуваат во дуално образование веќе имаат поинаков профил. Компаниите се заинтересирани да ги обучат и нормално да ги задржат на работа, ќе бидат мотивирани и во текот на учењето ќе им биде исплаќан одреден паричен надоместок за изведување на самата настава. По завршување на четврта година, ќе полагаат завршен испит, ќе им бидат дадени сертификати од АХК – стопанската комора на Германија, кој е меѓународно признат и ќе може било каде да работат. Нема да има некој договор дека тој што ќе ја мине праксата во одредена компанија, да мора да остане таму, со сертификатот може да работи во било која фирма. Доклку продолжат на факултет, оние кои ќе покажат врвни резултати може да бидат стипендирани од самите компании, а веќе тогаш ученикот ќе има обврска по завршување на студиите да мора да работи во таа компанија. Тоа е наредна фаза која треба да ја договориме со фирмите.

Супер радио: Компанијата Костал ги награди најдобрите ученици од OЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и донираше опрема за училиштето. Дали ваквите чекори ќе продолжат и натаму и дали имате најава и од други фирми за помош?

Недески: Соработката со „Костал“ и со останатите компании ни е одлична. Од ЛТХ Леарница добивме NC машина полуавтоматизирана, од „Костал“ добивме колор принтер, дел канцелариски материјал, 20-на мобилни телефони за учениците. Од ЛТХ Леарница имаме најава дека е во процедура да ни доделат 3D принтер, кој чини 4-5.000 евра. Исто така овие компании ќе бидат главни покровители на натпреварот „Балкан јуниор“, покрај градоначалникот на општина Охрид како главен покровител.

Супер радио: Минатиот месец започна изградбата на спортска сала, во рамки на проект на Министерството за образование и наука. Збор два околу тоа, кога ќе биде завршена салата и дали се во тек или се планираат други зафати во училиштето?

Недески: Имаме многи амбициозни проекти , кои се надевам дека ќе ги реализираме. Започнавме со спортската сала, во моментов се работи на неа, се бетонираат темелите, за брзо време треба да се фрли плочата и да се оди нагоре со конструкција. Инавеститор е министерството за образование, во соработка со локалната самоуправа. Овој проект чини околу 500 000 евра, а освен изградба салата ќе биде и комплено и модерно опремена со се што е потребно. Во склоп на истиот проект ќе се промени кровната конструкција и дрвената дограма ќе биде заменета со ПВЦ. Во моментов во соработка со в.д градоначалникот Константин Георгиески разговаравме за да се направи надградба на училиштето, да се спои канцеларискиот дел со училишната зграда. Имаме изготвен проект со кој аплициравме до локалната самоуправа, се надевам дека сите зкаопнски процедури ќе поминат и ќе го реализираме тој проект. Таму се вклучени три училници со три кабинети за професори, една канцеларија за професори и уште еден дополнителен кабинет, со што просторно би биле покомотни, бидејќи еве се зголемува бројот на паралелки се надевам и бројот на ученици, а во сите стручни училишта кои сме ги посетиле надвор од земјава наставата се одвива кабинетски. Тоа е и наредна фаза, опремување на кабинети и треба и работилницата да се стави во функција, таму има машини уште од 70-те години и оттоогаш не е набавено ништо. Ни недостасуваат современи машини, со оглед на тоа што чинат многу, се надевам ќе можеме да ги обезбедиме преку проекти. Тешко е да се најдат фондови кои инвестираат инфраструктурни проекти, акцентот е донирање на опрема. Значи важно е инфраструктурно да ја средиме училишната зграда, да се добие поголема енергртска ефикасност. Па така за 2020 година треба да се постави енергетска фасада, дел од проектот на ресорното министерство, па нареден чекор да биде опремување на просториите.

Супер радио: Зборувавме за донациите, за помошта од ресорното министерство, од општината, па во таа насока добредојдена е и помошта од локалната заедница. Како можат да ви излезат во пресрет за подобрување на образовниот процес и условите за школување?

Недески: Ако има интерес приватниот сектор ќе помогне, а тоа значи да имаме меѓусебна соработка, тие нешто да дадат ние нешто да понудиме. Обично имаме донации од компании со кои соработиваме, тие имаат интерес да вложат, во овој случај во учениците, не само во училиштето. Во тие фирми нашите ученици посетуваат практична настава. Еве конкретно сега имаме соработка со козметичкото студио „Изида“, преку проект кој го изработи сопственичката, тројца ученици се во Рим, Италија на меѓународна размена. Ова е пример дека соработка не значи само некој да донира опрема или нешто друго и ова е начин на помош. На овој начин учениците ќе излезат надвор од нашите граници, ќе видат како се работи во други држави. Еве оваа година имаме апликација за проект од Еразмус +, кој опфаќа 20 дневна обука во Шпанија на 20 ученици од козметичка и сообраќајна струка, во Вељање исто 20 ученици од електро и машинска насока, а седум професори ќе бидат вклучени на обука во Сицилија. Треба да се излезе од стереотипите што ги имаме, да се види до каде е светот за нешто од тоа да го примениме и кај нас. Некои посебни потреби не наведе. Рече и тоа што ни се потребни машини и опрема се поприлично скапи. За останати ситници за козметичка струка или електромеханика ги набавуваат од сопствен буџет или пак добиваат од фирмите Костал ОДВ и Леарница.

Image may contain: text

Во текот на февруари и март Супер радио, OhridPress и Inpress ќе ја раелизираат акцијата „ЗАЕДНО до подобри услови за поквалитетно образование на децата“. Сите знаеме какви се условите во кои е државата и локалната заедница, но знаеме и дека децата се нашата иднина и токму влогот во квалитетно образование, со современи наставни помагала и во чекор со светските трендови и потреби во оваа област е од огромно значење. Генерациите се менуваат, секоја година има нови и нови деца, но за жал и нови и нови изговори за некои состојби кои, од овие или оние причини тешко и споро се менуваат.

Апелираме до сите поголеми компании од Охрид и пошироко, кои можат да помогнат да се вклучат (superradio@superradio.com.mk или 046/260-078) во акцијата и преку соодветни донации да помогнеме за поквалитетно образование на децата. Потребите често не се толку големи колку што имаме впечаток и сите заедно можеме да направиме МНОГУ.

Да вложиме заедно во најскапото што го имаме, во иднината и образованието на нашите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес