Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ

Мирен протест како реакција на незаконските градежни активности на Алипашината џамија

Охрид, 14. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од здружението на граѓани „Совест“ денес на прес конференција уште еднаш потсетија на горливиот проблем поврзан со незаконските градежни активности на Алипашината џамија.

Оттаму велат дека ваквата ситуација која трае веќе три години може да се надмине само со почитување на законските одредби, почитување на различностите на нашите сограѓани за хармонично и достоинствено заедничко живеење во вековниот Охрид.

Потесетија на низата активности кои ги презеле изминатиов период за анимирање на јавноста, а особено надлежните институции да преземат што е во нивна моќ да прекинат очигледните незаконски градежни работи на Алипашината џамија.

– Управата за заштита на културното наследство во изминатиот период донесе: Решение за прогласување на Алипашината џамија за значајно културно наследство од 29-ти декември 2014 година, фамозното конзерваторско одобрение од 8-ми јуни 2016 година, Решението од 24-ти ноември 2017 година со кое се наредува да се постапи по претходно издаденото конзерваторско одобрение – тоа значи дека муфтиството не го почитува одобрението односно точка 6, во која се бара правосилно одобрение согласно прописите за градење, кое до ден денешен никој не го видел, од едноставна причина што никој надлежен орган не го издал. Последното решение од Управата е од 23-ти март 2018 година, со кое се бара запирање на работите на Алипашината џамија, рече Томе Џамтоски од „Совест“.

Она што е новина е што во формална и неформална комуникација со надлежните институции има најави дека конечно со став ќе се произнесат во јавноста. Од здружението потенцираа дека ќе почекаат до понеделник на официјалните реакции од надлежните, во спротивно размислуваат да организираат мирен граѓански протест како израз на незадоволството за незаконието и за непоправливата штета која му се нанесува на Охрид и охриѓани.

Од здружението повикаа на совеста на сите поединци и граѓани да не се дозволи космополитизмот на Охрид, неговата културно историска вредност да биде трајно нарушена со незаконско дивеење на поединци за свои лукративни потреби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење