Избор Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Објавена програмата за одбележување на двојниот јубилеј – 185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев

Охрид, 14. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид ја објави програмата за одбележување на двојниот јубилеј – 185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев.

Честувањето ќе се одржи во понеделник, на 18-ти март, а програмата предвидува објава на „Нови факти за животот и делото на Кузман Шапкарев“. Во големата сала на општина Охрид за делото на Шапкарев, точно напладне ќе беседат проф. Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски.

Во НУ „Библиотека „Григор Прличев“, вечерта од 18:00 часот ќе се одржи манифестација во чест на 60 години живот и 40 години од излегувањето на Првата книга („Гравири“) на Славе Ѓорѓо Димоски. За делото ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев.

Шапкарев е еден од најзначајните собирачи, публикатори и афирматори на македонски народни умотворби и еден од првите македонски учебникари. Ги објави делата „Зборник на народни умотворенија, наука и книжнина”, „Материјали за животописот на браќата Миладинови Димитрија и Константин”, како и осум учебници што ги напиша за потребите на училиштата во Македонија.

Роден е во Охрид, на 1 февруари 1834 година, а почина во 1909 година во Софија. (Крај)

извор: Општина Охрид/ОхридПрес фото: архива