Спорт

Бенчиќ и Кербер во полуфиналето на Индијан Велс

Индијан Велс, 15. март 2019 (ОХРИДПРЕС)Швајцарката Белинда Бенчиќ и Германката Анжелик Кербер се пласираа во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс.

22-годишната Бенчиќ најде место меѓу најдобрите 4 за прв пат во својата кариера, откако ја победи петтата носителка на турнирот Каролина Плишкова од Чешка со 6:3, 4:6, 6:3.

За Бенчиќ, која минатиот месец ја освои титулата на турнирот во Дубаи, ова беше шеста последователна победа над тенисерка од топ 10, а таа беше постигната по неизвесна битка што траеше 2 часа и 16 минути.

Тешка победа оствари поранешната лидерка на светската ранг-листа, Анжелик Кербер. Германката победи со 7:6, 6:3 против Американката Венус Вилијамс и за место во финалето ќе игра со Бенчиќ.

Кербер имаше проблеми во почетокот на натпреварот и допушти заостанување од 2:4 во гемови, но потоа почна да го наоѓа ритамот во играта и да го освои првиот дел по тајбрејк. Во него Кербер имаше сериозна предност против 38-годишната Вилијамс и по силен бекхенд, Германката го зеде првиот дел со 7:3 во поени.

Во вториот сет отпорот на Вилијамс беше помал и тоа и овозможи на противничката и да го затвори натпреварот по час и 36 минути игра.

Во другото полуфинале вечерва ќе играат Елина Свитолина и Маркета Вондрушова. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење