Избор од Уредникот На кафе со... ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Јамандиев: 75-80% од децата имаат аномалија на `рбетниот столб и стапалата

Охрид, 15. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Очигледна е разликата меѓу денешните и децата од пред десетина години, сегашните генерации се борат со голем број деформитети на `рбетниот столб, стапалата.

Податоците се фрапантни, 75-80% од детската популација веќе има некаква аномалија. Според професорот по физичко и здравствено образование Наум Јамандиев, на гостувањето на емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио за подобрување на состојбата неопходно е децата да се активни, слободното време повеќе да го поминуваат надвор, да се движат, да играат, отколку да седат дома пред телевизор или компјутер. Кон тоа треба да се додаде мотивацијата од страна на родителите, посеопфатна стратегија за справување со ваквиот проблем и реформирање образовниот систем, да се воведат повеќе часови по физичко и здравствено образование.

– Кичмен столб, прекумерна дебелина, деформитети на стапалата се само дел од аномалиите кои ги имаат денешните деца. Со самата дебелина, на крај на краиштата доаѓа и шеќерната болест и болестите на кардиоваскуларниот систем. Затоа е потребно посовесно да се одработуваат и да не се одбегнуваат часовите по физичко и здравствено образование. Самите родители треба да знаат дека физичката активност носи само благодет на нивните деца, треба да ги мотивираат што повеќе да бидат физички активни, дали тоа ќе биде престој во природа, планинарење, пешачење, возење велосипед… Имаме добри стази во градов, имаме солидна спортска инфраструктура што треба максимално да ја искористиме за да спречиме вакви деформитети. Родителите исто така освен задолжителните часови по физичко треба да ги мотивираат и да ги носат децата да се занимаваат со спорт, доколку се во можност да ги запишат во некои од школите и клубовите што функционираат во Охрид, истакна Јамандиев.

Ако порано важеше тоа да родителите не можат да ги приберат дома своите деца, сега е обратното, се потешко може да ги извадат од дома, да излезат во своето маало, да поиграат со другарчињата. Јамандиев вели дека во овој период ги чувствуваме „лошите“ страни на IT технологијата, на телефоните, таблетите или компјутерите.

– Многу време децата поминуваат пред монитор, дали е тоа компјутер, телефон, таблет или телевизија. Живееме во такво време, не може сосема да им се забрани користењето на технологијата, но да има некое ограничување па децата да бидат и соодветно физички активни, рече Јамандиев.

Кај оние деца што веќе имаат проблем тука треба да настапи медицината, да се најдат причините и да се преземат мерки. Дали тоа ќе биде со физиотерапевт или со нутриционист за намалување на калориите во исхраната, начини постојат само да се детектираат вистинските причини.

На располагање на децата им стои и Сојузот за училишен спорт кој добро функционира, покрај активностите во делот на образованието, се нудат и натпреварувања во сите спортови преку Федерација за училишен спорт.

Како едно од решенијата за што поздрава младина, Јамандиев го поздрави проектот што се реализираше пред неколку години, кога часовите по физичко за учениците од прво до петто одделение ги одржуваа наставници по физичко и здравствено образование, па би било добро да се размисли истото повторно да се воведе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес