Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: Дали министерот Филипче знае дека во ЈЗУ „Општа болница“ веќе три месеци нема ленти за мерење на дијабетес

Охрид, 19. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Не можеме, а да не потсетиме дека откако со СДСМ „дојде животот“ во Охрид и Република Македонија, не само што нема правда и мир, туку нема ни Ж од живот, и тоа од оној – Живот за сите, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Во овој момент сакаме да ги запрашаме министерот Венко Филипче и в.д градоначалникот Константин Георгиески, дали пред да застанат да се сликаат во ЈЗУ „Општа болница“, поразговараа барем со еден пациент кој чека низ ходниците, за да ја слушнат вистината за состојбите во здравството? Дали министерот Филипче беше информиран од директорот на Болницата за фактот дека во истата веќе три месеци нема ленти за мерење на дијабетес? Како министре Филипче и градоначалнику Георгиески дијабетичарите да ја следат својата здравствена состојба, кога не им го давате нити она што им следува-во случајов ленти за контрола на шеќерот во крвта? Должен ли е пациентот од свој џеб да издвои дополнителни 1000 денари за сам, приватно да си ги набави овие ленти? Ваков ли живот ветувавте? За вакво ли здравство ја добивте довербата од граѓаните? Колку и да се сликате и да се смешкате пред камери, нема да ја прикриете реалноста која е низ болничките ходници. Ако не сте способни правилно да ги менаџирате институциите, повлечете се и препуштете им ја работата на оние кои знаат како се прави тоа. Крајно време е да почнете да сочувствувате со граѓаните и да ја преземете одговорноста за тоа дека заради недомаќинското работење доведувате во прашање бројни човечки животи. Токму затоа, народот ќе Ви ја испорача сметката на 21-ви април, кога јасно и недвосмислено ќе Ви каже дека доста му е и од правдата и од мирот и од животот што го донесовте, истакнаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење