Избор од Уредникот Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Преполовена затворска казна за Бојан Угреновиќ, кој го претепа до смрт охриѓанецот Димитар Матилоски

Битола/Охрид, 21. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Апелациониот суд во Битола ја намали затворската казна од 16 години на 8 години за српскиот државјанин Бојан Угреновиќ, кој до смрт го претепа тогаш 26-годишниот Димитар Матилоски од Охрид.

Во моментов Угреновиќ е на слобода бидејќи судот во Охрид не донесе пресуда во предвиден рок и мораше да биде пуштен. Убиството се случи на Новогодишната ноќ 2016 година, кога Угреновиќ до смрт го претепа Димитар во строгиот центар на градот, на само неколку чекори до сопствениот дом, јави порталот досие.мк.

За убиството српскиот државјанин Бојан Угреновиќ на почетокот од судскиот процес пред судијата Весна Кичеец, изјави дека се чувствува виновен за кривичното дело за кое се товари и изрази жалење и каење за стореното дело. 29-годишниот жител на Краљево ги прифати сите наводи во обвинението кое го товари дека критичната вечер физички го нападнал Димитар Матилоски во кафе барот „Табана“, а потоа надвор му задал удари, од кои еден во пределот на лицето бил фатален за младиот охриѓанец.

На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. И на повтореното судење судијата Кичеец повторно изрече 16 години.

Сега пресудата е правосилна и судот треба да даде упатен акт за во затвор. (Крај)

извор: досие.мк фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење