Избор од Уредникот Локални избори 2019 Охрид ТОП ВЕСТИ

Георгиески, Милошевски, Трендафилов, Стевоски или Мена – Кој ќе биде новиот градоначалник на Охрид?

Охрид, 22. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ истече рокот за поднесување листи до ДИК односно ОИК на кандидатите кои ќе учествуваат на претседателските и вонредните локални избори.

За престижната функција на прв човек на Охрид се поднесени пет кандидатури – на д-р Константин Георгиески од СДСМ, д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Трендафилов-Нанче од ГДУ и Стевче Стевоски од партијата Демократи. Кандидатура за градоначалник на Охрид поднесе и членот на Советот на општина Охрид Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА.

Охриѓани на 21-ви април ќе избираат нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски.

За претседател на државата кандидатури поднесоа Блерим Река, кандидат на албанската опозиција, Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

На ждребувањето што се одржа денес во просториите на ДИК беа утврдени редните броеви на кандидатите за претседател на државата.

Кандидатот на здружената опозиција на партиите на Албанците – Алијансата на Албанците и БЕСА, Блерим Река, ќе биде прв на гласачкото ливче, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана СилјановскаДавкова ќе биде под реден број 2, а заедничкиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски ќе биде под број 3. Тројцата кандидати потпишаа кодекс за однесување на претседателските избори.

Кампањата започнува на 1-ви април, а претседателските избори ќе се одржат на 21-ви април. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес