Здравје Избор од Уредникот На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Шишкоски: Секој од нас треба да одвои барем еден час дневно за некоја спортска активност

Охрид, 22. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Неговите раце, вештината и апаратурата стојат помеѓу вас и болестите на новото време – болката во вратот, кичмата и сите болести предизвикани од прекумерно седење на работното место, премалку движење, неправилната исхрана и сл.

Михаил Шишкоски е дипломиран физиотерапевт, специјалист по кинезитерапија, млад човек со сериозни погледи во однос на неговата професија, здравјето на охриѓани, но и животот во градот. Неговиот центар за физиотерапија, кинезитерапија и медицински масажи „Валео“ е веќе вистински бренд во градот, а од неодамна се преселени во нови простории, каде пациентите можат да добијат уште подобри услуги.

Како гостин во емисијата „Диши длабоко“ на Супер радио разговараме за здравјето, грешките кои секојдневно ги правиме, правилниот начин на живот и сите теми поврзани со надминување на овие состојби.

Супер радио: Волшебните раце на физиотерапевтите често знаат да ја „однесат“ болката. Но, за да се појави таа, најчесто сме самите виновни, односно болката е само последица на лошите навики кои ги имаме. Која е најголемата грешка која ја правиме секојдневно, а која доведува до вакви здравствени проблеми?

Шишкоски: Пред се`, игнорирање на онаа блага болка која што сите ја занемаруваме со добро препознатливите утешни зборови „ништо не ми е, ќе помине“, а во најголем број на случаи тоа е изворот кој што треба да се запре за да се спречат посериозни проблеми и појава на болки. Динамичниот начин на живот се` повеќе и повеќе ги прави луѓето „мрзливи“ за спорт и спортски активности, а со тоа физичката активност е сведена на минимум.

Супер радио: Премалку се движиме, нездраво се храниме, премногу време сме на компјутери, најчесто и неправилно седиме. Кој е првиот совет кој им го давате на ваквите пациенти, во кои ќе се препознаеме најголемиот дел од нас?

Шишкоски: Физичката и спортската неактивност доведува до влошување на здавствената состојба, а мојот најискрен совет би бил: Секој од нас треба да одвои барем еден час во текот на денот за некоја спортска активност, па дури и тоа да биде пешачење, се` со цел превенција и намалување на болката и тегобите побрзани со мускулно скелетниот систем. А доколку посветувате повеќе часови во текот на денот пред компјутер тогаш на секои 30 минути да се направи пауза од 2-3 мин, станете и раздвижете се. Секако правилната и здрава исхрана е неопходна комбинација за баланс на организмот.

Супер радио: Како Ви почнува еден обичен работен ден? Со кого го пиете првото утринско кафе?

Шишкоски: Станувам околу 07:00 часот, моите најмили ги носам во градинка, па потоа пред да одам на работа го пијам првото кафе со еден мој другар во некое од познатите кафулина низ градот.

Image may contain: 4 people, people sitting, beard and stripes

Супер радио: Во помали средини како што е Охрид, имињата и способноста и карактерот на сопствениците, често се врзуваат со самиот бизнис. Охриѓани ве знаат како Мише-„Валео“, односно брендот кој го започнавте и го негувате. Кажете ни ја приказната за „Валео“, кога почнавте, како се развивавте и како работите денес?

Шишкоски: По завршувањето на специјализацијата во 2011 година почнав да барам работа како физиотерапевт во Скопје, добив одлична понуда од една добро позната институција, но требаше да чекам да заврши летото за да почнам со работа. Во меѓувреме аплицирав на еден проект за самовроботување кој што за моја среќа ми го одобрија и тогаш започна приказната за „Валео“. Првите две години бев на една локација, потоа шест години во центарот на градот, во не толку голема и опремена ординација, за денес да сум конечно на една добра локација, во современа ординација по сите светски стандарди.

Супер радио: Покрај вештината на самиот физиотерапевт, новото време носи и одредени помагала, кои можат многу да подобрат во самата терапија. Ги следите ли светските трендови на ова поле и дали во „Валео“ ја имате оваа апаратура?

Шишкоски: Технологијата во светот од ден на ден се` повеќе и повеќе оди напред и ја надоградува медицината со повеќе можности за побрзо и поуспешно совладување на проблемите со здравјето на луѓето. Така и во физикалната медицина на секои 2-3 години излегува некој нов апарат. Во „Валео“ ја имаме најновата и најдобра технологија и сме препознатливи по тоа, затоа се` уште опстојуваме на пазарот.

Супер радио: Охрид е град кој е посебен на повеќе начини. Секогаш свој, прекрасен и неповторлив. Каков е вашиот Охрид – Охрид на Мише-„Валео“, како би му го опишале на некој пријател кој никогаш (или одамна) не бил тука?

Шишкоски: Градот кој успеа да ме задржи тука, да го гледам секој ден, а да не одам во познатите европски држави кои што со раширени раце не чекаат само да изразиме желба да заминеме, градот кој што години наназад е рангиран во најдобрите 10 дестинации што треба да се посетат, градот кој што неслучајно го има добиено приматот бисер на Балканот, градот со најголемо културно и историско наследство, градот за кој што зборовите не се доволни за да се опише неговата убавина туку треба да посети и доживее.

Супер радио: За нашите слушатели на Супер радио, но и читатели на OhridPress и Inpress, кажете ни нешто и за Вашиот професионален живот. Од кога им помагате на охриѓани да ги надминат здравствените проблеми? Како се развиваше Вашата кариера?

Шишкоски: Ординацијата ја отворив во август 2011 година, за само една година подоцна да ја направам и првата поголема инвестиција, Шок вејв терапија, бидејќи тогаш беше се` уште непозната технологија за многу доктори така и неговата имплементација беше тешка, но задоволните пациенти и резултатите што ги постигнавме заедно беа оние кои што ми даваа ветар во грб. Учеството на повеќе меѓународни курсеви, обуки, семинари и конгреси ми помогнаа за надградба на моето знаење кое несебично го применувам за да им помогнам на пациентите кои што побарале помош од мене. Веќе една година во нашата ординација го имаме најдобриот апаратот со најнова технологија кој е иновација во физикалната медицина, Функционална магнетна стимулација. Најсовремената апаратура и технологија, најновите методи и техники, долгогодишното искуство, многубројните задоволни пациенти стојат зад брендот „Валео“ и моето име.

Супер радио: Вие сте релативно млад човек, во најплодните животни години. Како според Вас се развива градот, сведоци сме дека младите се иселуваат на ниво на вистинска евакуација. Каков совет може да им дадете како човек кој започнал и развива сопствен бизнис во релативно мал град како што е Охрид?

Шишкоски: За жал иселувањето на младите од Охрид од ден на ден е се` поголемо и поголемо, потрагата за подобро утре сега им е се` подостапно, и мислам дека конечно треба да се најде некое системско решение за намалување на овој сериозен проблем. Вербата во квалитетите што ги поседувате и ризикот што е неопходно да го превземите се доволни за да ја постигнете вашата цел.

Супер радио: Оженет сте и татко на две деца. Секојдневно имате многу обврски. Кој е Мише – „Валео“ приватно? Имате ли разбирање од семејството за секојдневните обврски и како и каде најчесто го користите слободното време?

Шишкоски: Сопруг, родител, другар, пријател… Ова сум јас во кратки црти за сите оние што не ме познаваат, многумина ме препознаваат и по постигнатите резултати и успеси со стрелаштвото, со кое што се занимавам повеќе од 20 години… Андреј и Сара се мојата најголема радост и мотивација, а сопругата Биљана моја најголема поддршка за успешната кариера, и секако, секое слободно време гледам да го поминам со нив на прошетка, негде на чист воздух, покрај езеро, подалеку од дома.

Супер радио: Секојдневно сте со пациентите. Помагате, советувате, правите интервенции… Кој е Вашиот „издувен вентил“, што е она што Ви ги полни батериите?

Шишкоски: Времето поминато играјќи со моите деца, само тогаш заборавам на обврските и секојдневните проблеми. Насмевката на нивните лица е она што ме исполнува.

Супер радио: Сосема за крај. Охрид денес и Охрид од порано се многу различни. Градот е сменат, а луѓето се сведоци на неговите трансформации. Некои на подобро, други на полошо. Каква музика слушате, кои му беа омилените места на Михаил во „лудите“, тинејџерски денови. Потсетете се на ноќниот живот од Вашето време. Кои места во Охрид беа „ин“ за излегување тогаш, каква музика беше тогаш актуелна?

Шишкоски: Искрено, ми недостасува тоа време, времето поминато во маало со другарите „кај кошот“, без телефони, компјутери и без обврски. За жал тоа веќе го нема. Се излегуваше секој петок и сабота, слушавме и поп и рок и турбо фолк и техно па дури и транс. Почнувавме од ноќниот клуб „Спирит“, потоа продолжувавме во „Скај“, од тука одевме „Лапидариус“ или „Лагоа“ за на крај да завршиме во „Феникс“ на пециво. Како што помина времето, така и јас почнав да слушам музика која што ме исполнува во различни моменти. Во моментов Smooth jazz е мојот избор.

Image may contain: 4 people, people sitting, stripes, sunglasses, beard and indoor

Центарот за физикална терапија „Валео“ започна со работа во далечната 2011-та година. За вашето здравје се грижат дипломирани специјалисти по кинезитерапија, кои со напорна работа и усовршување на техниките низ годините, но и со напредните техники за терапија го стекнаа својот кредибилитет и висок углед кај пациентите и лекарите. Дополнителни информации за „Валео“ можете да добиете на нивната официјална веб страна и на нивниот профил на Facebook. Закажувања и дополнителни информации на телефонот 071/506-818 или на email адресата: valeo.kinezio@gmail.com. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес