Култура

Претставата „Метод“ вечерва на репертоарот на охридскиот театар

Охрид, 22. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечерва ќе се одигра претставата „Метод“ од Жорди Галсеран, во режија Ирена Стеријовска.

Овој текст премиерно беше преведен и поставен во Македонија на 10-ти ноември, а правата ги има токму охридскиот театар.  Жанровски оваа претстава е трилер кој отвора егзистенцијални прашања, на некој начин го поставува човекот како жртва на модерното време.

– „Метод“ е приказна што се случува сега, на илјадници места. Во неа се зборува за новиот свет полн со замки, трикови и големи очекувања. Свет во кој се е на дофат ако се плати вистинската цена. Тука човечките чувства се валута со која најлесно се тргува. Оваа претстава зборува за последносто интервју на финалните четири кандидати за висока позиција во голема интернационалана компанија. Во оваа приказна, преку интриганта сатира кон модерното сфаќање на капитализмот и општеството воопшто, се анализира природата на човекот. Концептот го поставува човекот во инфериорна позиција во однос на „големата слика“ и го поставува прашањето колку голема е всушност „големата слика“, вели режисерката Стеријовска.

Во претставата која е на редовниот репертоар на охридскиот народен театар играат: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска и Јаков Спасов.

Почетокот на претставата е во 20:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење