Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Fred Wesley ќе одржи концерт и мастер клас во Скопје

Скопје, 25. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Славниот музичар, тромбонистот Fred Wesley, денеска пристигнува во Скопје и уште вечерва, со почеток во 19:00 часот, во скопското кафуле „Brick Eat“, ќе одржи двочасовен мастер клас.

Покрај него, присутни ќе бидат и членовите на неговото трио „Fred Wesley Generation Trio“. Организаторите оваа средба повеќе ја најавуваат како „meet and greet“ со легендарниот тромбонист. Ова е единствена и неповторлива можност неговите искрени поклоници да се сретнат со оваа ѕвезда. Бројот на учесници е ограничен, а повеќе информации за овој настан има на Facebook страницата на 3Гонга.

Утревечер, на 26-ти март, со почеток во 20:00 часот, во ноќниот клуб Станица 26, Wesley со неговото трио ќе одржат целовечерен концерт. Настанот е во организација на 3Гонга и Funky Fresh, а локална поддршка се  Гоце&Чваре.

Неговото трио е конекција на неколку генерации. Легендарниот Wesley наполни 75 години, италијанскиот продиџи на клавијатури Леонардо Коради има само 25 години, а тапанарот од триото Тони Меч има 45 години. Тројца музичари, кои првично пред повеќе години се собраа да му оддадат почит на легендарниот џез музичар Џими Смит, но нешто „кликна“ меѓу нив и тие продолжија како трио да настапуват понатаму заедно се до денес. Нивната музика е производ на талентот и огромното искуство на Fred Wesley, звук обоен со уникатни влијанија, вклучувајќи и африкански ритми и електронски звуци.

Тој ја започна својата кариера како тинејџер – тромбонист на Ike and Tina Turner. Подоцна, во 1968 година на легендарниот James Brown му стана музички аранжер, тромбонист и главен компизитор. Соработката со Brown го направи Wesley најпознатниот тромбонист на светот, кој хируршки прецизно го дефинираше јазикот на фанкот. Тој успеа да го издигне фанкот на сосема ново ниво. Нивната соработка траеше се до 1975 година. Во годините потоа тој музицираше со многу познати артисти и бендови меѓу кои и Parliament – Funkadelic и со Bootsy’s Rubber Band.

Fred Wesley има снимено дузина соло албуми, култни песни, кои се дел од многу наградени документарни филмови, тој е дел од многу книги за фанкот и години наназад организира мастер клас насекаде низ светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива