Култура

Претставата „Каде е пиштолот?“ во чест на Светскиот ден на театарот

Охрид, 25. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со изведба на претставата „Каде е пиштолот?“ од унгарски автор Габор Ѓоргеј во режија на Дејана Николовска Народниот театар од Охрид в среда ќе го прослави 27-ми март, Светскиот ден на театарот.

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

– Текстот ја обработува темата на власта. Со промена на власта дел од луѓето добиваат, дел губат. Токму со тоа им се случува на ликовите од претставата што ја прави исклучително актуелна, вели режисерката Николовска.

Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.

Почетокот на претставата е во 20:00 часот, а цената на билетите кои се веќе пуштени во продажба е 200 денари.

Во јануари навршија осум години од возобновувањето на театарскиот живот во Охрид. Со одлука на Владата на Република Македонија беше „воскреснат” театарот во Охрид после 50-на години пауза. Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура, опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар.

Во овие осум години се продуцирани 27 премиери и многу гостувања на повеќе фестивали.

Меѓународниот ден на театарот се прославува од 1962 година, а е воспоставен од Меѓународниот театарски институт, со цел да се афирмира вредноста и важноста на театарската уметност, и да се апелира до владите, политиката и институциите да ја препознаат вредноста која театарот ја носи за луѓето, индивидуите и развојот на заедниците. Многу театарски институции низ целиот свет, на овој ден синхронизирано испраќаат универзална порака, напишана од реномирани светски имиња во театарската уметност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење