Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Во ОУ „Григор Прличев“ одбележана 159 годишнината од денот кога Прличев се закити со „Ловоров венец“ за поемата „Сердарот“

Охрид, 25. март 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес се одбележа 159 годишнината од денот кога Григор Прличев во Атина го доби Ловоровиот венец за поемата „Сердарот“.

Во негова чест во ОУ „Григор Прличев“, во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ учениците имаа можност да го одбележат овој значаен датум и да го проследат видео проектот „Од животот на Прличев“ од авторот м-р Милчо Јованоски.

Image may contain: one or more people and screen

– Овој видео проект ги допре клучните моменти од неговото егзистирање и најважното: закитувањето со венецот, симболот на победата, највозвишената чест во тогашните поетски кругови. Стиховите во „Сердарот“ се како свежа вода, со секое читање на поемата во душата на читателот повторно и повторно како феникс оживува љубовта кон пишаниот збор. Безвременските зборови само ја потврдуваат моќта на перото и го утврдуваат овој генијален книжевник. Патронот на нашето училиште, според македонската енциклопедија е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка… Но, и вечна инспирација за учениците кои со гордост кажуваат каде учат, информираат од училиштето.

Image result for Прличев „Сердарот“На денешен ден, 25-ти март, во 1860 година на конкурс за поема, што се одржал во Атина, македонскиот преродбеник Григор Прличев го добил „Ловоров венец“.

Венецот го добил за поемата „Сердарот“, кое е воедно негово најпознато дело. Поемата е напишана во 1860 година. Прличев за оваа поема бил наречен „втор Хомер“.

Поемата е оригинално напишана на грчки јазик, под насловот „О Арматалос“, но при крајот на животот Прличев ја превел на македонски јазик.

Image result for Прличев „Сердарот“

Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18. јануари 1830 – Охрид, 6. февруари 1893) е истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од 19 век. Овој генијален книжевник според јазичната припадност е тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Според македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива